Насилството е честа девијација во меѓучовечките односи и е доста застапено и присутно во секојдневието на луѓето.
Сепак многу од нас не можат да ги препознаат сите облици на насилство, а дури и кога ќе ги препознаат не знаат како соодветно да реагираат.
Луѓето не ја разбираат тежината на насилството, па и покрај тоа што се чувствуваат лошо поради насилството тие одлучуваат да го продолжат тој магичен круг на насилство бидејќи стравот дека ќе бидат отфрлени од насилникот или од околината е многу поголем.
Понекогаш жртвите на насилство чувствуваат и огромен срам поради претрпеното, бидејќи за нив самото насилство како чин е огромно омаловажување и понижување преку кои џелатот ги убедува дека тие се казнети поради некоја нивна сторена грешка или „вина“ и дека доколку признаат насилство тогаш тоа ќе биде двојно осудување и соочување со нова казна.
Во нашата средина се уште не се работи доволно на кампањи за подигнување на свеста за насилството, институциите често несоодветно или споро реагираат, судските процеси се долги и исцрпувачки.
Па така насилството е многу присутно и помеѓу врсничките групи и во семејството и помеѓу партнерите и на работните места.
Еве неколку знаци по кои може да препознаете насилство:
- Насилникот има потреба да ве подреди
Секоја форма на подредување без разлика за каков тип на однос станува збор укажува на однос кој е базиран на насилство. Секако дека во групи, институции и организации како што се семејството, училиштето, друштвото, фирмата за која работите се систем од односи кои често се поставени вертикално – хиерархиски. Но поставката на односите во вертикална хиерархија има за цел само полесно да ја организира работата од почетокот до крајот на процесот за носење на продуктот. Таа не значи дека некој е личносно приоритетен над другиот, туку само во рамките на дадена форма на организација.
Затоа со детето е рамноправна личност со својот родител кое има свои права и слободи, но родителот само во процесот на воспитание и образование ја има управната или менаџерската улога да го – насочува правилно, да му помага да стигне до некој заклучок, да развие индивидуална вештина или да го унапреди својот талент.
Шефот е еднаква личност со вас. Тој може да ви дава насоки за тоа како да си ја завршите работата, но секој збор кој се однесува на вашата личност, начин на живот, ставови, определби или перцепции се кривично дело кое во литературата се препознава како „мобинг“ или „булинг“ на работно место.
Вашиот партнер нема право да ве квалификува како личност. Негово право е дали ќе ве прифати какви што сте или ќе го бара својот идеален партнер на друго место.
2. Во секој контакт со насилникот изгледувате повредени, скршени, нерасположени или нервозни
Најдобар критериум да оцените дали некој се однесува насилно врз вас или не е да направите интроспекција. Доволно е да се присетите какви чувства некој ви предизвикува.
Доколку почувствувате нелагодност, стрес, страв, нервоза, повреда или друго непријатно чувство тогаш тоа е знак дека некој претерал во распонот на својата волја навлегувајќи во вашиот личен и слободен простор.
3. Насилникот никогаш не е константен и тоа ја збунува жртвата
Насилникот не е константен во своето дејствување и однесување. Тој има намера да ја контролира свеста и чувствата на својата жртва. Манипулативниот карактер на џелатот не му дава можност за истрајност и константност.
Така на пример насилниците ќе ви предизвикаат најнегативни чувства, ќе ве скршат, ќе ве повредат, ќе ве омаловажат и веќе во следната реченица ќе ве убедуваат дека тоа го прават за ваше добро, дека имаат добри намери и дека тие се единствените во вашиот живот кои може да ве заштитат додека сите други луѓе ви се непријатели.
4. Насилникот има различен однос кон жртвата пред други луѓе и насамо
Скриените насилници се најгрозоморниот вид на насилници. Тие се длабоко свесни за сериозноста на своето дело и се претпазливи каде го вршат насилството и се штитат себе од последици.
Насилниците пред другите луѓе може да изгледаат премногу предадено, пожртвувано кон својата жртва додека насамо се сосема поинакви.
Таквата тактика им помага на насилниците да ја држат жртвата под заложништво, за дури и таа да посака да побара помош од други луѓе, нејзината приказна за насилството да изгледа нереална, луда и измислена.
Недостаток на поддршка од околината и неверување во приказната на жртвата е честа причина зошто таа не се одлучува да го пријавува насилството и зборува отворено за своите искуства.
5. Насилникот не трпи други луѓе во животот на својата жртва или има потреба да ги придобие сите на своја страна
Насилникот ја остава својата жртва сама на светот или препуштена само во негови раце. Дури и доколку жртвата сепак има свој круг на луѓе освен насилникот, тие сите се блиски со насилникот и под негова контрола.
Доколку некој зборува лошо за сите ваши блиски луѓе или особено се обидува да им се додвори додека насамо во ваше присуство нема само пофални зборови за нив, тогаш тоа е силен показател дека сте во релација со потенцијален насилник.
6. Насилниците се врзуваат со својата жртва и исклучително е тешко да се излезе од нивните канџи
Насилниците се врзуваат со својата жртва и тие скоро никогаш не дозволуваат таа да ги напушти. Затоа не е редок случајот со убиство на партнерка која одлучила да го напушти партнерот или родители кои ги прогонуваат своите деца во сите нивни избори и потези.
- Исклучително важно е да се препознае профилот на насилникот и да се побара соодветна институционална и стручна помош. Жртвата скоро никогаш нема да успее да се ослободи од насилникот што е долготраен, макотрпен и процес во кој е потребна исклучителна внимателност. Насилството може да се победи само со негово демистифицирање, јавно покажување и јавна осуда, а најбезбеден простор за насилниците е токму молкот, стравот, срамот и затвореноста. Тоа само го храни насилникот во продолжување на своите дела, се додека конечно не ја загуши целосно својата жртва.