На само стотина километри јужно од Скопје, на устието на Црна Река во Вардар, блиску до малото место со необично име, Паликура, се наоѓа античкиот град Стоби. Да се посети Стоби во овие летни денови, значи да се доживее историјата, да се има средба со минатото на оваа територија, средба со стара цивилизација и култура, видливо присутни преку редовните ископувања и работењето на реставраторите на самиот терен.
Местоположбата е одлична, речиси научно одбрана. Врелината на летото не се чувствува поради редовното ветре што дува секојдневно, во текот на целиот ден и на некаков начин ја разбива топлината на денот, намалувајќи ја и опасноста од ковид-19.
Стоби првпат се споменува некаде околу 2 век пр. н.е. по повод победата на Филип Петти, кралот на Македонија, над Дарданците.
При самиот влез во оградената, заштитена зона на Стоби, посетителот добива силен впечаток од огромната арена, построена некаде во 2-3 век од новата ера, значи малку подоцна. Официјално градбата е наречена театар, што всушност и навистина бил, огромен, со прекрасна акустика, за повремено да биде и арена за борба на гладијатори и борба со животни. Веднаш зад него е огромната базилика со прекрасните мозаици, а до нив, онака како што се гради и сега, е крстилницата, насликана со мозаици на пауни и елени, животни што за тогашните жители, а и за нас сега имаат мистично значење. Имено, на една од нашите денешни банкноти (10 денари) е поставен и паунот, прекрасно оцртан на мозаикот на крстилницата.
Предноста на археолошкиот локалитет Стоби се состои во одличната организација на работата. Имено, уште на самиот влез во локалитетот ве пречекува професионална водачка, симпатичната Ивана.
Таа преку своите пластични приказни за животот во тие навидум мртви камења, ќе ви ја долови сликата на едно одамна заборавено време и ќе ја осмисли вашата посета. Стоби има сѐ, го има и она што го немаат многу денешни населби. Има библиотека, која била и запалена, има цистерна за вода за да се гасат евентуалните пожари, има палати во кои отседнувале императори, има голем број мали простории, кои биле работилници за производство на тековните, секојдневни потреби на населението. Хигиената била на завидно ниво, чешма среде градот, вода за пиење и капење во сите големи куќи, палати, синагога, машка голема бања, женска помала бања, градски гробишта и други погодности.
(Целата репортажа на Владимир Перев за археолошкиот локалитет Стоби, прочитајте ја во Нова Македонија)