Љубовта е универзална вредност и идеал. Историјата на човечката мисла покажува дека љубовта е една од најтретираните прашања, особено љубов помеѓу маж и жена, односно она што го познаваме под именката „романтична љубов“.
Концептот за романтична љубов е прилично нов и тој се воведува за прв пат во рицарската поезија. Иако многумина сметаат дека романтичната љубов е најмногу „експлоатиран“ концепт во романтизмот како правец во уметноста, сепак тоа е само погрешна претпоставка. Романтизмот поттикнува сосема поинаков концепт на љубов и скоро и да не се воведува романтичната љубов како тема во романтичарските остварувања.
Романтичната љубов добива своја кулминација во почетокот на 20тиот век особено со воведување на масовните медиуми во секојдневниот живот на човекот. Сапунските опери кои се емитувале најпрво на радиата низ САД во 1930 години, сосема го прошириле концептот за романтична љубов. Од тогаш, со глобалното влијание на САД низ светот романтичната љубов станува широко распространета, особено во деловите кои се зафатени со глобализација.
Од преголема желба за наоѓање на својата „идеална половина“ или живеење на среќен живот со својот партнер во романтичен шаблон за замисла за љубовта, многу луѓе влегуваат во очај или во уморна потрага по идеалниот партнер.
Некогаш замислата за љубовта е поголема од што љубовта реално постои, па луѓе остануваат и во врски кои не се здрави и љубовни, само за да не го нарушат идеалот за романтична љубов и среќна врска.
Еве неколку критериуми според кои ќе направите разлика помеѓу токсична врска и здрава и продуктивна љубовна врска:
- Во здравите врски поединците не го губат својот идентитет
Секој од партнерите има свој став, мислење, начин на однесување и доживување на работите и тие успеваат да ја зачуваат својата автономија дури и да ја зајакнат преку врската.
Само во токсичните врски партнерите намернуваат очекувања и живеат по некој веќе изграден, потиснат и потсвесен шаблон за тоа како партнерите треба да функционираат. Тој шаблон обично се учи во рамките на семејството и поретко преку образование или мас медиуми.
-Ако имате очекувања и замисли за тоа како треба да се однесува вашиот партнер и постојано се трудите да му сугерирате како да се однесува и што треба да прави, тогаш се наоѓате во типично несреќна врска.
2. Само во токсичните врски се робува на партнерството
Ги знаете оние моменти кога луѓето забележуваат дека новата врска целосно ве променила и вас и односот ваш кон другите луѓе кои до тогаш ви биле блиски? Тоа не е залудна изрека, туку за жал многу вистинита и основана.
Нормално е луѓето кои се во врска да му посветуваат на партнерот голем дел од своето време и внимание и да се чувствуваат убаво во негово присуство. Но во нормалните врски, партнерите добро знаат да ги позиционираат луѓето во нивниот живот. Тие секогаш ќе имаат време за своите пријатели, семејство, колеги и други луѓе од нивниот живот.
Просто е патолошки да верувате дека партнерот може да ви го замени целиот свет, тоа е преголема должност која неправедно му ја давате некому, а често и сосема несвесно.
3. Вашиот партнер е личност, а не алатка
Партнерството се состои од две личности, а не од личност и алатка. Ако еден од партнерите на друг гледа како на своја алатка да постигне нешто, тогаш врската лежи на сосема нездрави темели.
Нема да одбирате партнер затоа што знае да готви, мислите дека ќе биде добар родител, се допаѓа на вашите родители или вашите пријатели сметаат дека е најдобар избор за вас, доколку сакате да сте во среќна врска.
Партнерот не треба да ви е алка за да останете во синџирот на други луѓе, потребно е да имате луѓе околу себе што ве почитуваат заради себе, а не заради тоа кој е вашиот партнер.
4. Партнерите во здравите врски имаат свои а не заеднички пријатели
Сосема е нормално да посакувате вашите пријатели да го прифатат вашиот партнер, но не и да очекувате дека тој може да биде исто толку пријател со нив како што сте вие.
Оставете вашиот партнер да биде само ваш партнер во односот со вашите пријатели како што треба да го оставите вашиот партнер да има свои пријатели.
Инаку ќе се доведете во многу непријатни и недостоинствени ситуации од тоа да го барате својот партнер кај неговите другари ако не ви крева на телефон?! Размислете дали така изгледа хармонична и нормална врска во која посакувате да се најдете.
5. Само во токсичните врски зборот „љубов“ се злоупотребува
Психолошките студии покажале дека насилниците најчесто ги претепувале своите жртви пред да им изразуваат љубов, им приложуваат докази на љубовта или се однесуваат никогаш подобро со нив.
Во токсичните врски зборот „љубов“ се злоупотребува и најчесто е манипулативен. Погрешна е претпоставката дека „Ако е љубов мора да боли“, точно е дека „Вистинската љубов никогаш не боли“, таа ве лекува, ве унапредува, ви дава насмевка, животен елан, радост и спокој.
-Токсичните врски се пораспространети одошто може да претпоставите, впрочем најголем број од врските се токсични и завршуваат со насилство, разделби, се одразуваат на психо-физичката состојба кај луѓето и сл.
Затоа не е важно само да имате некој кој ќе ви го пополни времето кога сте сами или ќе го покажувате пред светот гордо. Најдобар критерум за да оцените дали една врска е токсична или здрава е да се запрашате што правите и како се чувствувате додека сте заедно, сами и далеку од очите на сите други луѓе?!
Магдалена Стојмановиќ