Денеска беше презентирана студијата „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството во Северна Македонија“ чиј што автор е Давор Пашоски, а е во издание на ЗНМ.
Анализата констатира дека резултатите упатуваат на заклучок дека најголем дел од новинарите сметаат дека правосудството не придонесува доволно за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, односно новинарите не се чувствуваат доволно безбедни и не веруваат во ефективно истражување или казнување на нападите врз нив. Недостатокот на комуникација помеѓу судиите и новинарите како и недостатокот на јасно дефинирани процедури и правила за транспарентност и односи со јавноста, се главните предизвици кои се испречуваат во процесот на градење на партнерство и соработка на новинарите со судските институции.
Една од основните препораки е потребата од воспоставување на полесна и поразбирлива комуникација на судовите со јавноста и односи со медиумите. Беспредметни се сите анализи, студии и стратегии кои што досега се изработени или коишто понатаму ќе се изработат, а чиј што фокус е транспарентноста, отчетноста и јавноста на судството, доколку дадените препораки и заклучоци не бидат предмет на сериозна анализа од страна на надлежните институции и предмет на отворен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Процедурите и правилата во областа на транспарентноста и комуникацијата на правосудниот систем со јавноста треба да бидат вградени во актите со кои што законски се регулира судството.
Работниот настан се одржа во Кривичниот суд во Скопје, каде што беа поканети новинари и претставници на правосудните институции.
На самиот почеток авторот ја претстави студијата и ги претстави клучните поенти од истата, нагласувајќи дека фокусот на анализата е комуникацијата помеѓу новинарите и правосудниот систем.
Младен Чадиковски ја нагласи потребата за унапредување на меѓусебната соработка помеѓу новинарите и судскиот систем и изјави:
„Би сакал да истакнам дека ЗНМ постојано работи на зголемување на потенцијалите и стандардите на новинарството. Но, постојано се судираме со препреки на патот кои што ни го отежнуваат процесот на работа, посебно кога се соочуваме со ризикот од клевета. Како податок, ќе го потенцирам фактот дека годинава има 52 случаи на клевета против новинари, во однос на минатата година кога бројката беше 20. Не велиме дека судиите се исклучително виновни за ова, но сметаме дека доколку станува збор некои за случаи против новинари кои постојат исклучиво да се изврши притисок врз нив, да бидат отфрлени. Анализата до некаде го укажува тоа, но колегите кои ја следат работата на судиите велат дека има големо подобрување во делот на работата на правосудните органи кога станува збор за комуникација со новинари. Гледаме почесто брифинзи објави на социјални медиуми информации што се праќаат до медиумите, но сепак верувам дека постои уште простор за соработка, ова е само почеток .“
Иван Џолев, в.д. претседател на Кривичен суд во Скопје и претседател на Судско медиумски совет во своето обраќање рече: „Навистина ми е задоволство што сме овде сите ние, на едно место да разговараме за промените што сакаме да ги донесеме заедно. естопати како судии реагираме дека информациите не се јавен одраз на она што се случува во судницата, какви се одлуките, туку има присутен сензационализам. Секако, не во сите пренесени информации . Би сакал да ја истакнам желбата на нас судиите да ја подобриме релацијата со новинарите, да има добра комуникација, да има точни информации. Целта ни е во јавноста да биде точно информирана. Секако дека за ова ни е потребна помош од новинарите и нивната перцепција за нас. Би сакала да нагласам дека сите ние се залагаме за транспарентност, но има дел од судските процеси, поточно одредени детали кои законски не смеат да бидат објавени. Верувам дека денеска новинарите ќе имаат што да кажат да предложат, а судиите се расположени да слушнат предлози за олеснување на работата на двете страни.“
Со ова обраќање заврши и официјалниот дел, а работниот состанок продолжи со заедничка дискусија од страна на присутните судии, обвинители и новинари на која беа споделени примери и предлози како да се надминат препреките со една цел – непречен проток на информации за јавноста.
Говорници беа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Иван Џолев, Иван Џолев, в.д. претседател на Кривичен суд во Скопје и претседател на Судско медиумски совет, Дејан Ристовски, портпаролот на Основниот кривичен суд Скопје кој беше и модератор на настанот, Давор Пашоски, автор на студијата и Верче Тодоровска – Костовска од Здружението на новинарите на Македонија.
Овој настан е дел од регионалниот проект „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од холандскиот Хелсиншки комитет и Фрипрес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија. Ставовите, мислењата, наодите и заклучоците или препораките изразени во ова истражување се во целост на авторот(ите). Тие нужно не ги претставуваат ставовите на Кралството Холандија, ниту на организациите што го спроведуваат проектот или на нивниот локален партнер.