Во нашиот јазик зборот стереотип обично асоцира на некоја „закоравеност, неправедност и мислење кое не се базира на проверка и докази“. Стереотипот исто така е воопштен комплекс на идеи кои се аплицираат на повеќе чинители.
Сепак, колку и стереотипите да имаат негативни последици и се причина за конфликти и нетрпение меѓу луѓето тие имаат и позитивни ефекти врз организацијата на човечките мисли и комуникацијата.
Еве неколку последици од „лоши“ и „добри“ стереотипи
- Лошите стереотипи не ви дозволуваат да ја запознаете личноста непосредно
Стереотипите обично се мислења кои важат за поголема група на луѓе. Така на пример за Црногорците владее стереотипот дека се мрзеливи, па така ако сретнете некој Црногорец уште пред да го запознаете непосредно ќе имате мислење дека тој е мрзелив, само врз база на неговото национално потекло.
Стереотипите обично се врзуваат со само една или мал број на карактеристики, па често луѓето се фаќаат само за познатите карактеристики и не го прошируваат видикот за другиот, спознавајќи ги неговите преостанати карактеристики.
Сликата што ја создава стереотипот е тесна, неиновативна и нецелосна.
2. Лошите стереотипи создаваат ксенофобија
Лошите стереотипи често се предуслов за „страв од другост“. Другоста во случајот со стереотипите се препознава како „страност“, „туѓост“ и сл. што е предуслов на другите да се гледа со непријателство, страв, инхибиција и други позиции кои ја спречуваат нормалната комуникација помеѓу луѓето.
3. Лошите стереотипи ви прават затворени само во една културна заедница и „етноцентрични“
Освен тоа што лошите стереотипи ви даваат чувство на припадност тие и ве затвораат во една културна матрица од која е тешко да се излезе. Стереотипите не ви даваат шанса да ги погледнете работите од друг вредносен, нормативен или културен агол, со што останувате осиромашени во перспективата.
Стереотипите често се и добра основа за поттикнување на етноцентристички гледишта, односно ве наведуваат на погрешно мислење дека вашата култура е доминантна, чиста и врховна во однос на сите други култури. Етноцентризмот, пак ги раѓа – фашизмот и нацизмот кои се деструктивни за човештвото воопшто.
Добри стереотипи
- Стереотипите го организираат нашиот мисловен систем
Стереотипот ни дава можност да ги средиме нашите мисли и впечатоци и ни даваат почетна основа врз база на која ги градиме понатамошните искуства дури и негирајќи ја исправноста на претходните.
Стереотипот создава можност за дедукција при заклучувањето што е многу полесна логичка постапка која носи кон поизвесни засклучоци отколку индукција која е секогаш непотполна и невозможна (барем полна индукција).
На пример имаме стереотип дека Србите се арогантна нација, но со тек на време запознавате различни Срби и сфаќате дека меѓу нив постојат индивидуални разлики и сличности врз база на нивната културна средина и милје.
2. Стереотипите се првата алатка преку која ги запознаваме другите култури
Стереотипите не се само негативни, некогаш тие раѓаат и особена блискост помеѓу народите. На пример постои стереотип дека Србите или Бугарите ни се „братски народи“ дека имаме заедничко јазично, религиско и народно потекло.
Тоа е предуслов да се развиваат и позитивни односи помеѓу луѓето кои се припадници на различни народни групи.
Магдалена Стојмановиќ