Медицинските маски преку „инвазија се населија“ во скоро сите простори во кои се групираа луѓето. Освен во хирушките оддели и медицинските средини, луѓе со заштитни маски денеска може да се забележат насекаде околу.

Носењето на заштитни маски за некој е избор, а за некој задолжение. Луѓето различно реагираат на создадената потреба да се носат заштитни маски. Од една страна луѓето доброволно ставаат маски на своето лице при секое излегување верувајќи дека тоа ќе го заштити нивното и здравјето на другите од трансмисија на смртоносниот вирус КОВИД19.

Дурги, пак, сметаат дека носењето на маски е „експеримент преку кој се тестира послушност на светското население“. Таа категорија на луѓе заштитните маски ги носи само и исклучиво поради задолжението кое има право-казнени импликации.

Тоа се некои од причините поради кои луѓето носат заштитни маски, но кои се последиците од нивното носење?

Општа теза: Заштитните маски го менуваат односот кон надворешниот свет и комуникацијата помеѓу луѓето.

Другите се потенцијална опасност за нашето здравје и живот

Кога носите маска имате чувство дека постои некој тип на преграда помеѓу вас и околината во која се движите. Заштитната маска создава психолошки ефект кој значи дистанца од околината и од другите луѓе. Таа исто така делува како еден тип на штит кој се носи во „војна или борба“ каде што другите луѓе треба да претставуваат потенцијална опасност за нашиот живот. Со тоа, маската придонесува на другите луѓе потсвесно да се гледа како на „непријателски чинители“.

Ефект на Ghost in a machine

Луѓето се склони да ги покажуваат своите емоции, расположенија и да испраќаат различни пораки преку невербален систем на комуникација (мимики, гестикулација, фацијална експресија или пантомима).

Кога маската покрива од 60-70% од вашето лице, тогаш е скратена можноста да ги користите невербалните форми на комуницирање, што пак, според истражувања во комуникологијата се содржат со повеќе од 50% од вкупната комуникација помеѓу луѓето.

Со тоа, не само што стандардната комуникација е отежната и оспорена, туку таа и се менува целосно произведувајќи често „шумови во комуникација“. Тоа исто така повлекува и одредени психолошки ефекти.

Кога имате експресија, како на пример специфично движење на устата или насмевка или мрдање со образите, а при тоа сте свесни дека тоа движење фацијално не може да биде реципирано од соговорникот имате чувство како да сте „дух заглавен во машина“ или дека се движите во парализирано тело (како кога имате кошмар на пример – мрдате со рацете волево но вашето тело не ја следи вашата волева реакција).

Алиенација / отуѓување

Комуникацијата која е преку посредство предизвикува отуѓување помеѓу луѓето. Заштитните маски даваат ефект како другиот во комуникацијата да е надвор од просторот каде што припаѓаме.

Се сеќавате на оние сцени во филмовите кога оние кои ќе заглават во притвор со своите блиски комуницираат преку заштитен параван? Тој начин на комуникација обезбедува психолошки ефект кој значи дека – некој е од другата страна, дека не е дел од контекстот и средината каде што ние се наоѓаме. Физичката бариера помеѓу луѓето значи и социјална бариера и таа ги потенцира разликите помеѓу луѓето овозможувајќи различни квалификативи за посредство на нивната комуникација, како што се – затвореник, сиромашен (оној што живее во одреден кварт од градот), човек од друга вера (за жени кои носат шамија) со различно занимање и сл.

Другите се мистерија

Носењето на заштитни маски ја мистифицира другата личност и ја прави за нас недостапна и непозната.

Страв од непознато е еден од најсилните стравови кој надвладејува со човечката потсвест. Мистификацијата на лицата со носење на заштитни маски, кај нас предизвикува одреден тип на страв кој не тера да се дистанцираме физички што повеќе од луѓето.

Ако сакате да ја проверите ова теза, погледнете како им е полесно на луѓето да држат дистанца, дали кога носат маска или кога не носат? Во продавници луѓе кои носат маски полесно успеваат да одржат двометарска дистанца помеѓусебе во редовите бидејќи маските им сигнализираат дистанца. Во средини каде што не се носат маски лесно и се заборава дека треба да се одржува дистанца и спонтанитетот на движењето е многу поголем.

Маските се прозорец кон светот

Кога носите маска е исто како кога кон надвор гледате преку прозорец. Маските не ви даваат контакт со светот како што е предвиден преку биолошката конституција, со нервни завршетоци на кожа, отворите на телото и сл.

Човек што носи маска го замисливам како човек кој наворешниот свет го гледа само низ прозорец и не може да го почувствува дождот на кожа, може само да го види преку стакло.

Носењето на маска дава уште еден психолошки ефект – соочување со себе и затворање во себе. Секако дека не е лошо човек понекогаш да биде соочен со себе и со својата внатрешност, но тој е конституиран како суштество на комуникација со надворешната средина. Доколку тој циклус на размена биде нарушен, тогаш целосно се менуваат и неговите перцепции за реалноста и се создаваат други психолошки последици и последици по здравјето на луѓето.

 

 

*Овој текст не повикува на „исфрлање на маските од употреба“ напротив, пристапувам со верување дека нивното носење во доба на епидемија е неопходно. Но без оглед на оправданоста на причините за нивното носење, не треба да се занемарат и последиците кои тие ги предизвикуваат од социолошки аспект по комуникација на луѓето, нивното групирање, контакт со надворешниот свет и автоперцепцијата.

Магдалена Стојмановиќ