Трајче Стојанов е професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и е еден од претставниците на младата движечка интелектуална сила во Македонија. Многумина го препознаваат како независен и оригинален мислител, чија мисла вовлекува длабок наклон и почит.

Во интервјуто за „Мој збор“ Трајче Стојанов ја открива поврзаноста на филозофијата како матична дисциплина во која се образувал со неговата актуелна професија – како професор, улогата на филозофијата во современиот општествен контекст, замислата за изглед на современ филозоф (мислител и мудрец), но ни пренесува и цел корпус од референци движејќи не дијахроно низ историјата на филозофијата, ја постулира својата содржајна и структурирана мисла, ни пренесува искуства и ги соопштува своите лични позиции во однос на образованието како процес и политичката сцена во Македонија.

Blog | Телевизија Стар | Најгледаната Регионална Телевизија | Page 265

Интегралното интервју со Трајче Стојанов, ви го пренесуваме во продолжение:

  1. Една од најчестите критики во однос на филозофите се однесува на нивната апстрактна припадност и неапликабилност во општеството. Каква улога може да има образованието во профилирање на филозофите при што ќе го зачува интегритетот на дисциплината, но ќе ги подготви студентите по филозофија за „живот и опстанок“ во современиот општествен контекст?

-Тоа можеби е најголемата лага и илузија што е изречена за философијата, а секако и најголемата заблуда, имено дека философијата е неприменлива, апстрактна, далеку од реалноста и сл. Тврдам – не постои поконкретна, поприменлива и поконкретна (на)ука од философијата. Секој личен живот, но и животот на заедницата е организиран, структуриран и дослесно изведен, врз низа философски, дури ако сакате и метафизички претпоставки за себе, за другиот, за заедницата, за светот, космосот и сл. Еве, сетете се, на пример, дека живееете во свет кој е доминиран од либералните идеи, никнати јасно од просветителството, преку Џон Лок, Томас Хобс, преку Џ.С. Мил, до економските теории на А Смит и Џ. М Кејнз. Исто така, не заборавајте, дека до само пред 30-тина години, повеќе од половина од западната цивилизација, пак живееше организирана од философските идеи на еден друг генијален философски ум – Карл Маркс. Дури и навидум најметафизичките идеи се социјално, политички и лично применливи. Една таква најапстрактна идеја, како постои ли Бог? Што е Бог? Го има ли или не? – Во суштина е „водич“ низ личниот и општествениот живот. Одговорот на ова метафизичко прашање е „практично упатство“ за нашето поведение и нашиот однос кон низа други вечни прашања: слободата, бесмртноста, независноста, реалноста, оностраноста-трансценденцијата и т.н.
Чинам дека ова е доволно да илустрирам дека философијата е најпрактичната и најапликативната мисловна дејност, наспроти ова општо, неосновано уверување. Денешнината е нефилософска токму во оваа практична димензија на философијата. Денешнината е немисловна. Современиот општествен контекст, како што го нарекувате, во оваа смисла, како нефилософски и немисловен, наспроти општото уверување, е крајно непрактичен. Оти како може да биде нешто практично, прагматично, без да биде промислено во своите последни и вечни основи? Оти, токму и „практичноста“, „прагматизмот“, како што добро знаете, е философска позиција развиена од Чарлс С. Пирс, Вилијам Џејмс, Џон Дјуи и ред други мислители. Имено, реалноста не е „реална“ сама по себе, таа треба да се разјасни, да стане реална, јасна за мене, за вас, за заедницата. Ништо не е „практично по себе“, како што ништо не е јасно, извесно по себе. Впрочем, што е реланоста? И затоа, задачата на философијата не е и никогаш не била да се „унижува“ кон актуелниот историски миг, да се „додворува“ на денешницата или на мнозинството, ами да го „возвишува“ да го крева, или барем да ги возвишува оние кои гледаат, оние кои сакаат, оние кои можат. Останатите, нека останат во правта на „практичното“!

  1. Дали сметаш дека професор по филозофија е важно воедно да биде педагог и да создава „мислители по терк“ или тој треба да биде само вешт ментор кој ќе произведе доволно простор за слободна и автентична мисла кај своите студенти?

-Иако работам на Факултет за образовни науки, кој во основа е педагошки факултет, факултет каде образувам учители, педагози, за жал, сметам дека никој никого на ништо не може да го научи. Учењето, не само во една строго психолошка и когнитивна смисла, ами во длабоко антрополошка, секогаш е индивидуален чин, длабоко интимен и личен. Тоа е чин на иницијација, ако сакате, на возбуда и восхит, пред сè, на занеменост пред непознатото, на таа исконска желба за откривање и искачување. А секое искачување, секое возвишување е крајно лично. Никој никаде не стигнал со товарот на другиот. Особено, никој сè уште никого не понел на врвот. Секој сам се возвишува. Оттука, чинам дека се погрешни сите психолошки и педагошки теории за учењето исклучиво како когнитивен процес и за учителот како „трансфер на знаење“. Дури ниту за учителот како медијатор. Бедни, површни ми се тие обиди да се „детронизира“ наставникот, учителот од својата суверена позиција на „зналец“ кој екс катедра ги пренесува истите и да се сведе на медијатор. Кој, ако не професорот треба да е зналецот во таа просторија што се вика училница? Како тоа тој треба да биде само медијатор? Па што е тој, професор или сообраќаец!? Додека престојував во САД, не можев да се изначудам колку инсистира професорот на тоа what do you think about it, без при тоа самиот да биде вруток на тоа мислење. Веднаш после краток вовед, наставникот прашува – „а што вие мислите за тоа?“ И во духот на денешната банална политичка коректност, дури и на најбесмислените, нејнедуховитите, најсмешните одговори, тој го има тоа „псевдо-политичко“ трпение да не осуди одговор кој не само што е очигледно површен, туку и навредлив, плиток и непромислен. Сè во име на политичката коректност. Во ова современо општество, а со тоа и во современото училиште, веќе никој не сака да биде скандализиран, сите се банално толерантни, затоа е прифатена секоја глупост и ништо не се осудува. И затоа денеска во науката важи anything goes (како што впрочем препорачува Пол Фаерабенд во Против методот). А нема учење без скандализирање. Со тоа се враќаме на почетокот, да ви одговорам која е задачата на професорот. Рековме, никој никого ништо не може да научи. Освен да инспирира за секој сам да тргне по мачниот пат на уката! Затоа, конечно – задачата на учителот е да скандализира и инспирира, за секој сам да киниса по својот пат, да фати каршилак со уката, науката и мудроста. Ете, тоа е задачата на учителот, особено на философот, особено денеска!

  1. Постои ли идеал-тип на филозоф во современ контекст и доколку постои замисла за него, како треба да изгледа филозофот (како што постои идеал за мудрец во античка филозофија низ неколку различни школи)?

-Ова прашање, како да се надоврзува на претходното и со тоа како делумно да е одговорено. Но, сепак во ова него има и една дополнителна димензија која мора да се расветли. Имено, покрај споменатото дека задачата на философот отсекогаш била да скандализира, чинам дека таа скандализација, денеска се состои во тоа да биде контра-пункт на една опасна тенденција, која јас ја нарекувам сеопшта „сциентизација“! Сцинетизација на духот, на менталитетот и општеството, една генерална сциентистичка култура. Денеска владее едно сеопшто уверување во безграничните можности на науката. Тоа го прави општеството крајно догматско. Внимавајте, најиманентната особина на науката е скептицизмот, а ова сеопшто сциентизирање, придонесе кон догматизам, наместо кон скептицизам. Денешната доминантна сциентискичка култура има скоро религиозен патос кој така здушно го критикува, од кој се гади, додека се претвора во уште пострашен тоталитарен Левијатан. Затоа денеска во науката ретко се раѓаат такви метафизички горостаси како Њутн, Хајзенберг, Ајнштајн, или Нилс Борн, а за „научни“ авторитети се третираат некој си Ион Маск, дури и еден Марк Зукерберг или Џез Безос и слични бизнис профитери. Да се разбереме, не сум против науката, напротив и неа ја сметам за алатка на Апсолутот, инструмент на Неговата премудрост, но сум против банализирањето на науката, нејзиното „популаризирање“ и со тоа создавање на еден сеопшт сциентизам иманентен во духот на времето и во менталитетот на луѓето. Особено сум против креирање импликации надвор од доменот на науката – имено, кога научните теории, интерпретации и претпоставки, на пример во областа на биологијата, физиологијата се прошируваат во општествено-политичката сфера или се вадат антрополошки, философски, метафизички интерпретации. Со тоа, се заборава дека стварноста е далеку покомплексна од што се обидува било која научна перспектива да ја редуцира. Науката, со обидот да одговори како функционира стварноста, ја редуцира истата, за да би можело да ја разбере воопшто. Конечно, оваа сциентистичка култура сите ги претвори во „експерти“. Па внимавајте, денеска младите не само што одат на доктор со веќе најдена дијагноза на интернет, ами наскоро очекувам и сами да се оперираат преку туторијали од јутуб.
И така, дојдовме до улогата на философијата во оваа култура на сеопшт сциентизам. Философијата треба да биде пркос, инат, контра-пункт на оваа сеопшта, тривијална сцинетизација на светот. Да уверува во комплексноста, разновидноста, но и мистичноста и ако сакате љубовноста на светот! Таа покрај тоа што е Sophia е и Fileo, љубов, посветеност, пасија. А зарем не е таков и светот и животот?!

  1. Општото верување е дека професорот е тој што наметнува образовни форми за продуцирање на кадри. Но сепак се чини, да се биде професор по филозофија (или филозофски дисциплини) претпоставува и можност професорката гордост да се измери во реченицата „Драг ми е професорот, ама подрага ми е вистината“. Дали е тоа смислата на професорската дејност на филозофот?

-Пред да одговорам на ова прашање, се навратив на претходните одговори и сфатив дека сум преекстензивен, па во овој случај ќе бидам многу краток. Особено во светло на претходниот одговор за задачата на професорот да инспирира пред сè. Па, ако тоа е задача на професорот првенствено, тогаш дисјункцијата во вашето прашање не е исклучителна, ами вклучителна. Имено, не може да се случи „драг ми е професорот, но подрага ми е вистината“, затоа што ако професорот инспирирал некого во потрага по вистината, не може да не му е драг професорот. На сите што се инспирирани на возвишување кон вистината, мора да им е драг оној кој ги иницирал кон возвишување.

  1. Каков би бил придонесот на филозофот во политиката? Дали поставувањето на утописки стандарди за тоа како треба да изгледа „идеалната држава“ (по примерот на Платон, Аристотел, Томас Мор и др.) веќе значи реален успех во однос на политиката? Колку е важно да го задржиме утопиското мечтаење кога е политиката во прашање?

-Односот на философите кон политиката бил амбивалентен, дури би рекол и контроверзен. Ако погледнете, за тоа ќе најдете низа историски примери, од Аристотел, преку Хегел, до Хајдегер. Така што, јас не би се надевал многу во философската мудрост кога се однесува до политиката и уредувањето на државата. Многу често тие не само што биле противници на демократијата, туку многу често инклинирале и кон своевиден тоталитаризам. Тоа веројатно е така, заради самиот хабитус на философите. Имено, нивната желба за сеопфатна, целосна интерпретација на стварноста, во политичкото ги води до тоталитаризам. Како што бараат да ја објаснат, да опфатат стварноста под некоја сеопшта, sub specie aeternitatis – идеја, така и општеството, ставајќи го под една генерална, сеопшта идеја, многу често го доведуваат до разно-разни тоталитаризми, па и фашизми и нацизми. Но, во секој случај, ако и имаат некаква задача a propos политичкото денес, тогаш треба да биде токму тоа што вие го имплициравте во вашето прашање: да го задржат утопистичкиот патос на политичкото. Имено, денешната политика страда токму од тој недостаток на у-топос, на непостоечко место, кон кое сепак ќе стреми како кон некаков идеал. Тоа ја прави политиката исклучиво уметност на можното, без стремеж кон неможното. Затоа денес имаме криза на политиката во светски рамки. Затоа немаме политички визионери, затоа што сите визии се уништени, сите идеологии се мртви! Философот, повторно, како и во случајот со науката, има задача и во политиката, да демонстрира дека невозможното е можно!

  1. Дали можеш да издвоиш една или две филозофски максими со која или со кои ќе ги опишеш актуелните појави на македонската политичка сцена?

-Па чинам дека овде од осамостојувањето до денес важи она на Платон: Оние кои се доволно умни да не се занимаваат со политика, се казнети со тоа што се владеани од глупаци. Нам ова ни се случува како тенденција која прогресира, што е евидентно од политичките гарнитури од година во година, од избори во избори, кој од кој е полош, кој од кој е понеспособен! Политиката во Македонија стана дувло на негативна селекција – налошото од нас е таму!

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ