Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење“.
Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување, реагираат од Здружението на новинари на Македонија и бараат дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година.
Иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред се за клевета и речиси да нема за навреда, ваквата дефиниција доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните – реагираат од ЗНМ.
Текстот на овој Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета е во фаза на прво читање во Собранието од јули 2021 година. Истиот текст, посочуваат од ЗНМ, предвидува значително намалување на нематеријалната штета за новинарите и медиумските работници како барање што ЗНМ претходно го имаше кон Министерството за правда.
Формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа, информираат од Министерството за правда.
Од Министерството за правда, посочуваат дека целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.