Земјите од Западен Балкан сакаат да создадат заеднички регионален пазар и на тој начин да направат важен чекор кон членството во Европската Унија, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок додека беше домаќин на министрите за надворешни работи на земјите од регионот.
Според договорот, луѓето во регионот ќе можат да ја минуваат границата со лични карти наместо со пасоши, а универзитетските дипломи и професионалните квалификации ќе бидат заемно признаени, рече Баербок на конференција во нејзиното министерство, пренесе ДПА.
– Го олеснувате животот на вашите граѓани и им помагате на вашите бизниси да го поттикнат трговскиот и економскиот раст низ целиот регион – им рече Баербок на своите колеги од Западен Балкан.
Навистина ви честитам за овој пробив – додаде таа.
Договорот треба да биде потпишан на самитот на шефови на држави и влади за Западен Балкан во Берлин на 3 ноември.
Баербок ги повика владите на државите од Западен Балкан „брзо да ги спроведат сите неопходни чекори за да обезбедат договорите да бидат потпишани како што е предвидено“.
На состанокот на министрите за надворешни работи во форматот „Берлински процес“, меѓу другото стана збор и за енергетската безбедност во услови на руската агресија врз Украина, кибер-безбедноста и заедничката зелена агенда.
Земјите од Западен Балкан ги вклучуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, потсетува ДПА.
На ниво на министри за надворешни работи беа претставени и Бугарија, Грција, Австрија, Хрватска, Словенија и Чешка.
Форматот „Берлински процес“ го иницираше поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година на првата конференција за Западен Балкан во Берлин. Форматот има за цел да го унапреди приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. јт/