Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување, објави на социјалните мрежи премиерот Зоран Заев.
Како што вели тој, доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“ каде се споделува порнографска и приватна содржина од граѓани, како и детска порнографија, ќе се разгледа и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во земјава.
– Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела – пишува премиерот.
Тој сепак изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денеска платформата ќе одговори, на како што вели, бројните барања и ќе почнат да соработуваат.
– Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите – вели Заев.