Во рамките на стручните служби во основните и средните училишта низ Македонија, се среќаваат психолог и педагог, а во последно време со актуелизацијата на потребата од инклузивно образование, некои општински училишта вработуваат и дефектолози односно специјални педагози во рамките на своите стручни служби. Но, овој состав на стручни лица не е доволен да одговори на сите проблеми и предизвици кои се случуваат во образовните системи низ Македонија. 

По вчерашниот немил настан во Белград, голем број психолози ја истакнаа потребата да се зголеми бројот на стручни лица од област на психологија во училиштата, бидејќи како што аргументираат еден психолог не може да посвети доволно внимание на толку голем број на деца, како што има низ училиштата особено во урбаните средини и општини. Факт е дека еден психолог и еден педагог од стручната служба не може да бидат запознаени со сите секојдневни предизвици и проблеми во рамките на училиштето и да посветат внимание на секое дете кое се соочува со некој проблем, што ја иднцудира системската вина, но поголем проблем е што улилиштата во рамките на стручните служби немаат социолози.


Врсничка социјализација и разбирање на влијанието на групата 

Децата во училишна возраст, особено во доцните основношколски периоди и во текот на средношколските периоди ја имаат врсничката група како главен извор на модели на идентификација и имитација, а врсничката група во овој период од животот презема најголема контрола врз социјализацијата на децата наметнувајќи се како примарен и приоритетен агенс на социјализација.

За разлика од порано кога врсничката група не ја претпоставуваше само вклученоста и степенот на интегрираност во рамките своето одделение или клас, денеска се повеќе како единствен модел на врсничка група се воспоставува токму одделението или класот. Специфичноста во организацијата на образовниот систем со паралелнки кои се групирани според возраст на учениците, а не според нивните преференци или способности за учење дотолку ја издвојува школската врсничка група како приоритетна во процесот на врсничка социјализација.

Во периодот кога јас бев дете, поради начинот на кој го поминувавме слободното време и отсуството на интернетот и комјутерската технологија во нашите домови, создававме и поинакви групи. На пример врсничката група или другарчињата од маало беа алтернативна група со која поминувавме исто толку време од денот како и со нашите школски другари. Одевме на курсеви по странски јазици, спортски тренинзи и сл. кои исто така беа извор на нови пријателства, другарувања и групи во кои постоеше алтернатива за социјализација или дополнителна социјализација, интегрираност и прифатеност во групата.

Проблемот на отфрлање, неприфатеност во рамките на групата, па дури и врсничко вербално, а понекогаш и физичко насилство е проблем со кој најголем дел од нас се соочиле барем еднаш во животот. Но во минатото можноста да ја акомулирате таа отфрленост и изолираност од групата, беше поголема, затоа што постоеа алтернативни групи, како маалската група или групата од училиштата по странски јазици каде што можеше да се изградат поблиски односи со врсниците и детето да се почувствува многу поприфатено.

Денеска децата се повеќе време поминуваат во виртуелна комуникација со своите врсници, непрепознавајќи ги границите помеѓу реалното и виртуелното. Во рамките на виртуелната комуникација и виртуелниот свет никој не подлежи на одговорност, па поради тоа и децата се помалку ги разбираат последиците од своите дела во реалниот свет.

Иако денеска, децата се специјализираат во нивното образование по афинитети со посети на дополнителни курсеви по шах, странски јазици, школи за креативно пишување, ликовно, спорт, балет и сл. децата ја немаат истата слобода да се самоорганизираат. Родителите ги носат своите деца до салата или училиштето, ги земаат, дури понекогаш и седат настрана, во блиското кафуле додека на нивното дете не му заврши тренингот и практично родителот е постојано присутен во комуникацијата што детето ја создава со другите деца. Децата немаат слободни можности и простори да развијат контакти самоиницијативно, спонтано, да развијат вештини да се самоорганизираат (на пример за пат кон дома) и сл. Со тоа другите групи на врсничката социјализација (вон школските) ја губат силата на социјализацијата и можноста за интеграција на детето. Школото останува централниот простор за врсничка социјализација за најголем број на деца.

Врсничката група во период на доцен пубертет и адолесценција презема најголема контрола врз социјализацијата на децата наметнувајќи се како примарен и приоритетен агенс на социјализација.
Зошто во средните школи има педагог, а не социолог?

Педагогот е остручен да го разбира наставниот процес, методиката, дидактиката на наставниот процес, но и целокупниот воспитен и образовен процес кај децата. Но, периодот на детството разбира специфична возраст, а по законските норми за дете се третира секој поединец до 14 години.

Децата се посебна категорија која се обликува со степен на личен развој, степен на независност, степен на изграден интегритет на личноста, свесност, способност за учење и размена на информации и сл. Педагогот е оспособен да работи со децата, како што и самата етимолошка дефиниција за оваа наука кажува. Но во периодот на средното образование, или период на доцен пубертет и рана адолесценција, потребите на поединците се менуваат, се менуваат и нивните способности и начин на комуникација. Во тој период педагогот може да учествува во оценување или да има советодавна улога за изгледот на наставниот процес, но не може да работи со децата во смисла на нивно воспитание и проценување на нивните проблеми со кои се среќаваат во училиштата.

Да не говориме дека во последните години од средношколското образование учениците навршуваат веќе 17 или 18 години и веќе не се работи за деца кои се подложни на процес на воспитание, туку веќе имаат изградено друга автопецепција, општеството им наметнува поинакви очекувања и одговорности, ја менуваат својата комуникација и со нив се постапува како со возрасни луѓе, особено бидејќи се  подготвуваат за периодот на „матурирање“, конечно созревање и прифаќање на општествените улоги од возрасните.

Психологот, пак, пристапува на проблемот низ поединечната и личната призма на ученикот. Тој може да помогне ученикот да се справи лично со одреден проблем, но тој не се занимава со групата, ниту ги разбира социјалните околности под кој одреден проблем настанал. Психологот може да го третира веќенастанатиот проблем, но не може да го превенира, ниту да ја разбере целокупната констелација под која одреден проблем настанал. На пример психологот ќе работи со ученикот на неговата траума поради врсничко насилно, но надвор од неговите рамки е потеклото на врсничкото насилство, статусот на поединецот во групата, моделите на идентификација, врсничко лидерство и сл.

Која е улогата на социологот во училиштата?

Социологот не е стручен да учествува во креирање на наставните програми и методи на предметно-одделенската настава, како педагогот, ниту може да употреби психотерапија во третирање на проблем низ поединечна и лична перспектива како психологот, но неговата улога е клучна во развирање на потеклото на проблеми со кои се соочуваат учениците.

Социологот може да има менторска улога во примена на социолошките методи за проценка на статусот на секој ученик во рамките на својата врсничка група или одделение. Со помош на социолошките методи, со точна прецизност може да се види колку едно дете е интегрирано во својата врсничка група, дали е изолирано, врз база на кои критериуми се прават сличности и разлики во процесот на интеграција на децата, колкава е кохезијата на врсничката група во рамките на едно одделение и сл.

На пример социометриските тестови, кои може да бидат спроведувани на месечно ниво, па дури и на две недели од страна на класниот раководител или одделенскиот наставник, покажуваат како секој ученик е прифатен и интегриран во една група. Во рамките на секое одделение, на одделенскиот час или на „класен“ час, може да се спроведе социометскиот тестирање со цел да се испита состојбата на секој поединец во рамките на една група.

На тој начин класниот раководител или одделенскиот наставник во соработка со социологот од стручната служба ќе може да знае кој поединец во одделението е лидер, кој е првиот обрач околку лидерот, кои поединци се изолирани, отфрлени и отуѓени, колку групата е кохезивна, дали постои само една централна група околу еден лидер или постојат повеќе паралелни групи и дали тие со во антагонистички и агонички однос, дали изолираните ученици дополнително се групираат во дијади и тријади (помали групи) и колкава е опасноста од дезинтеграцијата на еден ученик. Оваа детална проценка ја прави социологот и тој дополнително може да го алармира психологот дека за некои ученици кои се соочуваат со голема изолираност и отуѓеност постојат поволни услови да се создадат психички проблеми и проблеми во развој на личност, со што психологот би имал фокусирано влијание на учениците.

Исто така, со помош на примена на анкетен метод, длабински интервјуа или фокус групи, социологот може да открие, дали лидерот е позитивен карактер или е негативен пример со кој другите се идентификуваат, која  е причина зошто некои ученици се омилени, а некои изолирани, да го таргетира ученикот кој е медијатор (оној што е во добри односи и со лидерот и со изолираниот ученик во одделението) и да предложи на класниот раководител или одделенскиот наставник насоки кон кои треба да го организира одделенскиот или класниот час.

Со помош на фокус групите може да се откријат перцепциите, вредностите, ставовите и проблемите кои постојат во едно одделение.

На пример да го демистифицира лидерот ако е носител на негативни вредности, да го истакне оној кој е изолиран со цел да го сврти вниманието на групата кон него, да го употреби влијанието на ученикот медијатор во организација на воншколски активности во кои ќе се работи на зближување на двете најдалечни страни – лидерот и изолираниот ученик, да се пронајде критериумот на сличност по кој лидерот гради добри односи со другите и критериумот на различност. Ако тоа е социјалниот статус, да се обрнува поголемо внимание на класните часови на препознавање на потеклото на социјалните разлики и обрнување на внимание дека тие не се репер за нечиј успех. Да се стимулира градење на позитивни способности по кои учениците ќе се истакнуваат наместо агресијата и покажување на физичка сила и сл.

Социологот може да е филтерот на учениците кои треба да добијат поголемо внимание од психологот и да помогнат во фокусирано градење на наставен материјал за класните часови, затоа што секое одделение и група има свои специфики.

Улогата на социологот во стручните тимови од основните и средните училишта е клучна и здруженијата на социолози би требало да издејствуваат задолжително присуство на социологот во образовните процеси, не само како наставници, туку и како дел од стручните тимови. Тоа е иднината на реалната и корисна примена на социолошката наука во Македонија.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов