Апликациите на нашите мобилни телефони кои го мерат присуството на PM10 честички во воздухот, во зимските периоди постојано ни праќаат аларманти бројки и совети да не ги напуштаме нашите домови, бидејќи загадувањето на воздухот ја прави животна околина – хазардна.
Населението во македонското општество, со воздушно загадување се соочува секоја година, а во зимскиот период стануваме многу посвесни за присуството на воздушното загадување. Честите респираторни потешкотии, непријатен мирис на воздухот, замагленоста на нашиот вид и хроничниот умор како резултат на недостаток на кислород, нè потсетува дека темата: „Воздушно загадување“ е од суштинско значење.
Што е воздушно загадување?
Светската здравствена организација (World Health Organization – WHO) го дефинира воздушното загадување од аспект на неговите последици по здравјето на луѓето, според СЗО:
–Загадувањето на воздухот е контаминација на внатрешната или надворешната средина од кој било хемиски, физички или биолошки агенс што ги менува природните карактеристики на атмосферата. Уредите за согорување во домаќинствата, моторните возила, индустриските капацитети и шумските пожари се вообичаени извори на загадување на воздухот. Загадувачите кои предизвикуваат голема грижа за јавното здравје вклучуваат честички, јаглерод моноксид, озон, азот диоксид и сулфур диоксид. Загадувањето на воздухот на отворено и внатре предизвикува респираторни и други болести и е важен извор на морбидитет и морталитет.
За разлика од СЗО, чија насока на дејствување е човечкото здравје, па дефиницијата за воздушното загадување е апстрахирана од емириски увид во последиците на воздушното загадување по животот и здравјето на луѓето, Европската агенција за животна средина (European Environment Agency – EEA) воздушното загадување го дефинира низ контекст на загадување врз животната средина.
Во дефиницијата на Европската агенција за животната средина, покрај последиците по човечкото здравје и живот, се опфатени и последиците по останатиот жив свет на планетата Земја, поради што, можам да ја окарактеризирам дефиницијата на EEA како холистички пристап кон воздушното загадување.
Во дефиницијата на EEA стои дека:
–Загадувачите на воздухот може да се испуштат директно во атмосферата (примарни емисии) или може да се формираат како резултат на хемиска интеракција во која се вклучени супстанции прекурсори. Емисиите на загадувачи на воздухот предизвикуваат загадување на воздухот, меѓутоа, намалувањата на емисиите не секогаш автоматски резултираат со слични намалувања на концентрациите. Постојат сложени врски помеѓу емисиите на загадувачи на воздухот и квалитетот на воздухот. Тие вклучуваат ги квантите на емисиите, хемиски трансформации, реакции на сончева светлина, дополнителни природни и хемисферични придонеси, а се земаат предвид и влијанието на времето и топографијата. Значителните намалувања на емисиите се од суштинско значење за подобрување на квалитетот на воздухот.
Дефиницијата која ја користи Министерството за животна средина во Северна Македонија при пишување на годишни извештаи е слична на дефиницијата која ја дава Европската агенција за животна средина. Фокусот на воздушното загадување, покрај човечкото здравје е и причините за загадувањето, особено секундарните причинители кои, пак, го создаваат ефектот на стаклена градина, глобалното затоплување и др. проблеми кои се загрозување за опастанокот на целата планета, а не само на човечкиот род.
Сепак, дефинициите кои ги наведов, не ги третираат прашањата за изумирање на животниските и растителните видовии. Покрај грижата за човечкото здравје која треба да нè тангира, потребно е да ја согледаме целокупната слика на последиците на нашите дејствувања, особено затоа што во најголем број од случаите, причините за воздушното загадување се предизвикани од човечки фактор.
Во оваа студија ќе се занимавам со последиците од воздушното загадување, причините, како и можните решенија за негово спречување.
Последици од воздушното загадување
Според официјалните податоци на Светската здравствена организација околу 4.2 милиони луѓе во светот секоја година умираат како резултат на преголема изложеност на надворешно воздушно загадување. Исто толку алармантен е и податокот дека 99% од светската популација е изложена на воздушно загадување од два извора: првиот е надворешен и ја претставува изложеноста на луѓето на воздушното загадување надвор од нивните домови и вториот извор е внатрешен и ја претставува изложеноста на луѓето на воздушното загадување додека престојуваат на затворени постори, обично во нивните домаќинства.
За жал, СЗО не ги третира статистички податоците на изложеноста на вработените во индустрискиот сектор и производството на воздушно загадување, сметајќи го тоа прашање за прашање на регулативите кои се однесуваат на заштита на здравјето на вработените при работа и регулатива за безбедна животна средина при работа.
Домаќинствата кои користат огревно дрво како енергетски ресурс често се изложени на внатрешно загадување. Испуштањето на јаглерод моноксид (CO) во воздухот во домот, е директна причина за смрт на луѓето, особено децата.
Да се даде одговор на прашањето какви се директните и индиректните последици од воздушното загадување по животинскиот и растителниот свет е тешка задача бидејќи тој процес бара индуктивна потрага по сите постојни емпириски податоци за вкупен број видови на животни и растенија на планетата кои од самото нејзино настанување ја населувале.
Но, извесно е дека промената на температурите и загревањето на планетата Земја во последните неколку години придонесе за изумирање на голем број животински видови. Во извештаите на ООН се проценува дека до 2070 година температурите на планетата Земја ќе пораснат за 1 степен, што ќе придонесе за изумирање на значителен број животински водиви. Глобалното затоплување е директна последица на воздушното загадување.
Според податоците од Светскиот фонд за природа (WWF) стапката на изумирање на видовите животни во рамки на една година е 0.01%. На прв поглед се чини дека овој процент е незначителен, но во соодносот со вкупниот број на видови кој ја населува планетата, оваа бројка е сериозна. Тоа значи дека, доколку на планетата Земја се наоѓаат 100.000.000 видови животни, секоја година изумираат по 10.000. Но, никој со сигурност не знае колкав е бројот на видови животни кои живеат на планетата.
–Научниците беа вџашени во 1980 година од откривањето на огромна разновидност на инсекти во тропските шуми. Во една студија на само 19 дрвја во Панама, 80% од откриените 1.200 видови бубачки биле претходно непознати за науката… Изненадувачки е тоа што, научниците имаат подобро разбирање за тоа колку ѕвезди има во галаксијата отколку колку видови има на Земјата. – Стои во соопштението на светски институт за ресурси (WRI).
Причини за воздушно загадување
Со цел да ги дознаеме причините за воздушното загадување, потребно е да ги разбереме параметрите со кои се мери присуство на хемиски соодиненија во воздухот. Количеството на присутно хемиско сооединение во воздухот кое создава опасни последици по животната средина, вклучително и човекот, е услов да се одреди постоењето на воздушно загадување.
Од опасни соодинение врз база на кои се прави мерење на воздушното загадување се: тешки метали, неразградливи органиски сооединенија, прости хемиски сооединенија како: сулфур диоксид, азот диоксид, јаглерод моноксид, суспендирани честички со големина од 2,5 микромилиметри (PM 2,5), како и суспендирани честички со големина од 10 микромилиметри (PM10).
Воздухот е сочинет од азот во скоро 80% учество на воздушната содржина, помалку од 20% кислород, како и други „лесни“ хемиски елементи и соодиненија. При процесот на дишење, кој се дефинира како размена на гасови со надворешната средина, се вдишува најмногу азот, помалку кислород, а се користи само кислород за дистрибуција до клеточно ниво, додека се испушта CO2 во надворешната средина. CO2 не се смета за примарен загадувач, но е причинител за индиректно загадување поради хемските врски кои ги прави со другите хемиски елементи и го предизвикува ефектот на „стаклена градина“.
Согласно Европската агенција за животна средина, најголеми загадувачи се земјоделските активности, сообраќајот, домаќинствата и секако индустријата. Земјоделските активности учествуваат со 90% во загадувањето на воздухот со амонијак и 80% со загадувањето на воздухот на база на метан. Вештачкото ѓубриво кое се користи за полјоделските површини е основен извор на загадувањето, како и изметот на домашните животни кои се примарна насока во сточарството.
Околу 60% од загадувањето со сулфур диоксид доаѓа од прозводство на енергија и нејзина дистрибуција. Значаен загадувачки фактор е и сообраќајот кој учествува со 40% во загадување со натриум оксид и со скоро исто толку проценти во загадување со PM2,5.
Останати извори на загадување се домаќинствата и административните центри, а тие најмногу учествуваат во загадување со PM2,5 како и PM10.
Овие податоци се релативизираат во македонски контекст. Од извештаите на Министерството за животна средина, засега достапни завршно со 2018 година, забележително е дека домаќинствата и администрацијата имаат значителен удел во воздушното загадување. Енергетските ресурси кои се користат за загревање на просториите на домаќинствата и администрацијата во зимскиот период се најголемите емитери на PM2,5 честички и PM10 честички. Тоа се оние алармантни податоци кои ги следиме на апликациите од нашите мобилни телефони.
Задолжени за мерење на квалитетот на воздухот и други истражувања поврзани со загадување на воздухот ги прават градските Центри за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државен завод за статистика, Управа за хидрометеролошки работи, Управа за хидробиолошки работи и други релевантни институции.
Во 2018 година, најголеми загадувачи со тешки метали во Северна Македонија биле производителите на енергија и дистрибуција и тоа во емисија на арсен. Но во емисија на тешки метали како олово, никел и др. домаќинствата се појавуваат како најголеми загадувачи.
Што се однесува до оксиди на сулфурот и азот, домаќинствата немаат голема улога во емитување на овие штетни сооединенија. Главните „виновници“ за емисија на овие соодиненија се индустријата и сообраќајот. Но нивното присуство во воздухот е помало во споредба со PM 2,5 и PM10 за кои македонската јавност, во последно време е најмногу загрижена, а основен извор на загадување со овие честички се токму домаќинствата.
Честичките PM2,5 и PM10 предизвикуваат тешки последици по здравјето на луѓето, особено по респираторното здравје. Суспендираните честички со големина од 2,5 односно 10 микромилиметри се ослободуваат при процесот на согорување на дрвените производи или производи од неидентификувано потекло. Овој тип на производи се користи за загревање на домовите во зимските периоди.
- Огревно дрво
Според податоците на Државниот завод за статистика од 2014 година, во Македонија имало 559 187 домаќинства. Од вкупниот број на домаќинства, 61.59% трошат огревно дрво и дрво од овошни насади како основен вид енергент за греење.
Овие податоци уште може да се третираат како веродостоен показател на сегашната состојба бидејќи мали промени на планот на изборот на енергетски ресурси за загревање на просториите во зима, од тогаш до сега се направени.
Се смета дека токму согорувањето на огревно дрво и друг материјал од непознато потекло е причина за испуштање на најголем дел од PM2,5 и PM10.
Засега, цените на огревното дрво се прилично ниски во Македонија, особено бидејќи на црниот пазар се набавуваат за многу пониски цени од реалните на кои може да се наиде во овластените институции за продажба на огревно дрво. Заслужни за тоа се, секако дрвокрадците, чија активност секоја есен е во пораст.
–До пред некоја година, набавувавме кубик бука за по 1500 денари, преку луѓе од нашето соседство. Тие ги сечеја шумите околу на „црно“ . Тоа го правеа обично ноќе, па ни ги носеа директно во дворовите. Но последниве две години не смееме да набавуваме такво дрво бидејќи законите се сменија, требало некои печати, па ги криеме дрвата по дворовите да не ги открие полиција, инаку ќе не казнат и нас. – раскажува жител од Крушево кој сакаше да останене анонимен.
Во Македонија надлежни институции за санкционирање на случаите со нелегално сечење на шума се: Шумската полиција, Шумски инспектор при МЗШВ, како и СВР кои вршат контрола на работата на „Македонски шуми“ и „Национални паркови“, а со Закон за шуми, дрвокрадството се третира како кривично дело и во обвинителство се отвора предмет по основа „Кражба“ кое е казниво според член 235 од Кривичниот законик.
Охрабрувачки е тоа што според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното производство на шумски производи во државните шуми во второто тримесечје од 2021 година, во однос на второто тримесечје од 2020 година, е намалено за 1.4%. Но овие податоци се официјални и често не ја покриваат сивата зона на дрвокрадството, реалните производи на дрво и употребата на огревно дрво.
©Мој збор / илустратор: Миодраг Константинов
- Состојба со македонските шуми
Покрај дрвокрадството, „белите дробови“ на Македонија ги оштетуваат и пожари. Минатата година била опожарена површина од 1.234 хектари, а опожарената дрвна маса е 8.138 м3 при што е причинета штета од 81.071.150 денари.
Во 2019 година, евидентирана е загуба од 808.669.316 денари, а опожарена била површина од 15.675 хектари.
Во 2021 година, опожарена беше поголема површина на шуми особено во Источниот дел на Македонија. Од страна на МВР беа приведени вкупно 17 лица за подметнувањето на пожарите кои ги опустошија Малешевијата. Проценката на надлежните е дека ќе биде потребно околу 50 години да се обнови шумската површина која беше оштетена од пожарите.
Најголем број од пожарите ги предизвикува човечки фактор, а приведувањето на 17 лица за подметнување на пожар годинава, укажува дека причината за пожарите е директен и интенционален акт на човекот.
Во проценката од штетите кои ги донеле пожарите, не е претставен бројот на животни – жртви од пожарот.
Загрижувачки факт е тоа што според податоците од Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјата биле засадени нови дрвја на површина од 569 хектари, што е второ најниско ниво во изминатава деценија по 2017 година, кога биле пошумени 553 хектари.
Депонии во Македонија
Голема причина за загадувањето на воздухот се и депониите, а најгорлив проблем за граѓаните на Скопје е градската депонија – „Вардариште“.
Вардариште минатата година беше претворено во затворена депонија со зголемена контрола за внес на отпад, но скоро секојдневно повторно се фрлаше ѓубрето околу депонијата. Жителите на општина „Гази Баба“ и општина „Аеродром“ често се гушат во чад, од пожарите кои наводно „случајно“ избивале на депонијата.
Жителите бараат од локалната самоуправа да се најде соодветно решение за „Вардариште“ и да се спречи горењето на отпад како „традиционален“ начин за намалување на отпадот што предизвикува еколошка катастрофа и воздушно загадување.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Северна Македонија во 2020 година изнесува 630 086 тони. Споредено со 2019 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2020 година бележи намалување од 0.4%.
Најголемото количество на собран комунален отпад (99.8%) се исфрла на депонија. Околу 79% од населението користи комунални услуги, а отпадот се пренесува директно во депониите. Останатиот дел од населението кое не ги користи комуналните услуги или самостојно го транспортира отпадот во локалните депонии или го користи „традиционалниот начин“ за ослободување од него, бидејќи транспортот на отпадот до локалните депонии повеќе чини.
Покрај понзатите депонии, голем е бројот на диви депонии особено во руралните области кои се надвор од контрола на локалните власти и кои често горат и ослободуваат штетни честички во воздухот.
- Рециклирање на отпад
Според податоците на ДЗС за 2021 година, свеста за значењето на рециклирање на отпад е прилично ниска. Од вкупниот отпад во Македонија, скоро 90% е измешан отпад кој завршува во депониите, а само 10% е сегрегиран отпад кој може да се рециклира и повторно врати во употреба.
Главните рециклирачи на отпадот се „нелегалните собирачи на отпад“, тоа се оние луѓе кои често ги гледаме по улиците со количка како собираат пластични шишња или друг тип на специфициран отпад и го транспортираат до фирми кои имаат дозвола за рециклирање на отпадот. Нелегалните собирачи на отпад оваа дејност ја третираат како услов за сопствен опстанок, но нивната улога е незначителна во поглед на вкупнта рециклирачка дејност.
Рециклирачката дејност би дала резултати само кога целокупната популација ќе учествува во селективно исфрлање на отпадот и локалните самоуправи ќе обезбедат начини за селекција на отпадниот материјал.
Позитивни примери
Ако ја посетите Виена, ќе забележите дека во сместувачките комплекси и хотели ќе ви биде понудена алтернатива во начинот на кој ќе ја загреете просторијата во која престојувате. Покрај клима уредите кои ја регулираат температурата на вашата соба, во голем број од хотели има камин во кој се доставуваат дрва за негова употреба. Но, доколку сакате да запалите оган и гледате во каминот, потребно е на хотелот да му платите такса од неколку десетици евра која оди директно во буџетот на државата, а тие средства се пренаменуваат за еколошки цели.
Во Виена, загревањето на просторијата преку согорување на дрва се смета за „луксуз“, а вие однапред ја плаќате казната за загадувањето што го предизвикувате.
Доколку, пак, отидете на патување во Берово и се сместите во некоја приватна вила, ќе забележите дека ви е понудена само загревање на просториите со помош на согорување на дрва. Во ретки случаи имате избор да се стоплите на грејно тело кое работи со приклучување во електрична енергија.
Јасна е разликата, зарем не? Во Австрија топлењето со огревно дрво се третира како луксуз, а во Македонија како најефтино решение за презимување. Економските мотиви, пак, се доминантни во правењето на избори за начин на топлење преку зима. Доколку целите на животната средина се усогласат со економските рестрикции или стимулации, тоа значително ќе влијае врз изборот и секако врз резултатот за почиста и здрава животна средина.
Предлог решенија за намалување на воздушното загадување
- Зголемени контроли на шумските предели;
- Зголемување на цените на огревното дрво;
- Воведување на такси за топлење преку согорување на дрвен материјал;
- Продлабочување на соработката помеѓу граѓаните и надлежните институции во пријавување и санкционирање на случаите поврзани со дрвокрадство;
- Зголемување на учеството на локалната самоуправа во вршење на достапност на средствата за селекција и рециклација, надзор за правилна селекција и рециклација на отпадот, како и едукација за поттикнување на свеста за значењето на процесот на рециклирање и правилна селекција на отпадот;
- Нова законска регулатива која ја ограничува самостојната дистрибуција на отпад;
- Локализирање на дивите депонии и воведување на зголемен надзор и контрола на дивите депонии;
- Фокусирање на јавниот дискурс кон значењето на еколошките теми;
- Вклучување на предмети: екологија или социјална екологија, како самостојни предмети во програмите на основните училишта.
Заклучок
Зелените партии насекаде во светот се во подем. Во германските медиуми може да се сретне натписот дека, токму „зелените“ партии ќе ја кројат судбината на Берлин по заминувањето на Ангела Меркел од позицијата канцелар. Политичките партии кои ги ставаат еколошките проблеми, меѓукои и воздушното загадување во фокусот на своето дејствување, програма и идеологија се во подем и на Балканот. На последните локални избори во Хрватска, градоначалничкото место на хрватската престолнина го освои Томислав Томашевиќ кој е претставник на партијата на зелените во Хрватска. Подем на зелните партии се забележа и на последните парламентарни избори во Црна Гора.
Кај нас, досега како „зелена“ партија фигурираше Демократската обнова за Македонија која на последните парламентарни избори настапи како коалициски парнет. Но, интересно е тоа што, една од најголемите политички партии од албанскиот блок – Демократска унија за интеграција неодамна се ребрендираше во зелена партија. Потегот на ДУИ се смета за сериозен исчекор во констатирањето на еколошките прашања, особено прашањето за воздушното загадување во политичкото дејствување.
Охрабрувачки е и фактот дека во медиумите се почесто може да се забележат вести, анализи и медиумски натписи кои се поврзани со темата: „Загадувањето на воздухот“ со што се акцентира важноста на оваа тема во јавната расправа.
Образовните институции имаат голема улога во креирање на здрави еколошки навики и поттикнување на свеста кај најмалите општествени чинители. А во образовните програми често може да се сретнат еколошките прашања како приоритетни, особено во предмети како што се „Природни науки“.
Прогнозите на научниците се дека, доколку се продолжи со енормното воздушно загадување во Македонија, голем број од населението ќе страда од респираторни заболувања кои се особено опасни во комбинација со моменталната состојба на епидемија од ковид19. Сепак решенија кои ќе ја сменат состојбата на подобро со магично стапче и преку ноќ, се премногу оптимистични, дури на граница на научна-фанстастика. За посакуваните резултати е потребен долг процес на санкција, надзор, едукација, соработка, зголемување на граѓанска свест, законски регулативи, нивно спроведување и институционално дејствување. Но дејствување само во една насока нема да даде резултати, потребна е системска реформација за чист воздух, кој е единствената иднина за нас, нашата животна средина и нашите поколенија.
Материјалистичкиот однос кон природата, приватната сопственост, желбата за експлоатација на природни добра и ресурси се моменталните вредности кои значително придонесуваат за еколошките катастрофи. За искоренување на тие вредности или нивно превреднување, потребен е пред сè глобален пристап, па потоа и локално дејствување.
Заега, според статистиките на СЗО, Македонија и Албанија се две земји од Европа со најлош квалитет на воздухот. Сите останати европски земји, не се справуваат со заканувачки ризик од загадениот воздух по здравјето на населението.
Автор: Магдалена Стојмановиќ