Владата на Србија дозволи извоз на брашно бидејќи е проценето дека тоа нема да ја загрози понудата на домашниот пазар.

Извозот на брашно е овозможен со изменување и дополнување на Одлуката за привремено ограничување на извозот на основните земјоделско-прехранбени производи значајни за населението, со која се воведени квантитативни ограничувања на извозот на месечно ниво за одредени земјоделско-прехранбени производи.

Понудата на брашно и пченица на домашниот пазар е добра и слободниот извоз не може да ја загрози понудата на домашниот пазар, а овозможува растоварување на силосите за прием на новата жетва, како и зачувување на традиционалните пазари, со оглед на тоа дека Србија е традиционален извозник на брашно на пазарите во земјите од регионот, се наведува во соопштението по седницата на српската Влада.

Извозот на пченица и брашно од Србија, како и на пченка и масло, беше забранет на 10 март годинава со цел да се обезбеди снабдување на пазарите за време на кризата предизвикана од војната во Украина, а на 20 април беа одобрени квоти за извозот на тие стоки.