Во нашата средина во последно време се повеќе јасно е забележлива карактеристичната пропорција меѓу традицијата и современите влијанија на актуелните тенденции во светот на ликовната уметност, што претставува енормен отскок во однос на минатото. Со таква една варијабилност и брза промена кон современото и естетското сфаќање кое коегзистира во конвенционален простор и време е скулпторот Драган Попоски-Дада (роден во Прилеп 1933-2021).

Во таква средина не ниту парадокс ниту анахронизам да се зачуваат вредностите за тоа што претставува уметничкото дело и неговата суштина. Несомнено, уметничкото дело ја остварува својата основна функција и намена во зависност од тоа колку е во колерација со консументот со прифаќањето од културната јавност, а тоа произлегува од неговата универзална содржина и ликовен јазик.

Имено, во овој контекст ќе се надоврзувам на Карл Густав Јунг кој вели, цитирам:

Смислата на уметничкото дело и неговата специфична природа се темели врз него самото, а не врз надворешните предуслови, дури може да се каже дека тоа е битие кое го искористува човекот и неговите лични диспозиции како хранлива подлога и дека располага со неговите сили според сопствени закони, обликувајќи се себеси во она што по себе сака да стане.

Творечкиот пат на Драган Попоски-Дада е обемен, неговите замисли потекнуваат од природата и нештата што го опкружуваат, така што создава стилизирани заоблени вертикални и хоризонтални форми низ кои честопати се препознава преку додавање на растителни елементи. Во нивната ликовно-содржинска даденост се забележува еден лиризам кој преоѓа во асоцијативна апстракција.

Станува збор за еминентен современ скулптор чија што скулптура е отворена со креативна енергична сила која суптилно излегува од внатрешната обвивка, со заоблени и мазни мермерно обработени краеви давајќи и на скулптурата монументалност и епски својства. Насочен кон развивањето на своите идеи во основа скулптурите на Дада поаѓаат низ концептуален приод од фигуративно кон тродимензионално претставување со намера да предизвика некаква емотивна или интерактивна реакција кај набљудувачот.

Скулпторските варијации ги решава со урамнотежување на геометриските форми, со внимателна обработка на масите, задржувајќи ја компактноста и ликовно-естетската квалитативна постапка. Во техничка смисла, тој преку начинот на градење на своите стабилни форми го потврдува фактот дека не ја губи хармонијата и смислата за ред и јасност на своето проседе. Во некои негови дела доаѓаат до израз немирот и онаа внатрешна потенцијална енергија која се крие во внатрешноста на секоја негова скулптура, поделувајќи ја масата која и натаму има свое јадро на сродни сегменти што секогаш создаваат нова ликовно-содржинска асоцијација.

Всушност, во извесна смисла скулптурата на Драган Попоски-Дада содржи енигматичност и нејасност која непрекинато во континуитет предизвикува нови асоцијации и авантури на неговото дело. Линијата тече спонтано и без размислување што укажува на мислата за одредена предиспозиција, на однапред создаден механизам на некаков архетип, апстрактни претстави и форми кои се иманентни за човековата природа.

Во секој случај, станува збор за една класична чистота и дефинираност на волумените кои се универзални, техницизирани и посебно интимни, што на овие скулптури им ја обезбедува нивната живост во просторот и виталност.

Автор: Марија Стојческа