Трета т.н. бустер доза на вакцината против ковид-19 е начин да се заштитат најранливите, а не луксуз, соопшти денеска Светската здравствена организација.
СЗО претходно овој месец посочи дека податоците не укажуваат на потреба од дополнителни вакцини и дека ревакцинацијата на целосно вакцинирани лица дополнително ќе ја зголеми нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните земји.
– Третата доза на вакцината не е луксуз одземен од некој друг кој сè уште ја чека првата доза. Тоа е начин да се заштитат најранливите – рече Ханс Клуге, шефот на СЗО Европа, на брифинг со новинарите.
Клуге, исто така, рече дека порастот на стапката на пренос на ковид-19 низ Европа во текот на изминатите две недели, со ниски стапки на вакцинација во некои земји, е длабоко загрижувачки.