Ако немаш работа, твоја работа е да најдеш работа. Кое е всушност значењето на оваа реченица? Многу едноставно, без никакви скриени пораки, тоа значи дека ако немате работа, а сакате, ваша работа е да ја најдете истата.
Според тоа, 8 часа во денот, од 9 до 17 часот, со пауза за ручек и/или паузи за цигари вие сте должни да работите на наоѓањето на работа.
Дисциплинирано, преговарачки, инспиративно и упорно, секој ден додека не најдете работа.
Тој процес сигурно ќе ги вклучува следните нешта:
- Конкурирање на многу места со водење на евиденција каде, кога и за која позиција сте конкурирале за кога ќе ве побараат веднаш да знаете за што станува збор со цел да не оставите погрешен прв впечаток.
- Креирање на CV според потребите на работното место. Некогаш ова знае да биде многу заморно и досадно, но не заборавајте дека некогаш тоа е и пресудниот, клучен факто во изборот некој да ве повика во првиот круг.
- Учење и развивање. Ја избравте индустријата која ја сакате, следно, изберете ги правците во истата кои би ви користеле. Кандидатот кој знае 3 работи е подобар од кандидатот кој знае 2 работи. Често и само познавањето, без длабока пракса може да биде корисен фактор.
- Читањето на огласи за работа. Често работодавците ставаат високи критериуми за да ги одбијат луѓето кои не се доволно самоуверени и упорни во желбата да ја добијат работата. Затоа, доколку ви се допаѓа работата и мислите дека вашето искуство дури и во најмала рака може да одговара, пријавете се! (И следете го советот број 2).
- Верувајте! – Точно, ова е Македонија, точно има врски и секакви работи, но не е така секаде и секогаш. Бидете храбри и самоуверени и добрата работа ќе ви се појави како награда. И не заборавајте, дури и во моментите кога нештата ви имаат најмалку смисла тогаш најмногу верувајте во себе.