Се очекува домаќинствата ширум Европа следната зима да добијат многу повисоки сметки за електрична енергија поради глобалниот раст на нејзината цена, но и цената на гасот, пишува Пословни.хр.

Некои земји, како Франција, веќе презедоа чекори за да им помогнат на граѓаните да ги платат трошоците за живот преку доделување бесплатни ваучери.

Владата во Париз планира да плати 100 евра одеднаш за 5,8 милиони домаќинства кои добиваат „ваучери за енергија“. Исплатата на овие средства се очекува во текот на декември.

Цените на електричната енергија и гасот продолжуваат да растат на глобално ниво, па затоа здруженијата за заштита на потрошувачите предупредија дека тоа може да значи „енергетска сиромаштија“ за најранливите социјални категории во Европа.

Цените на електричната енергија во последно време се зголемуваат во многу земји поради зголемената побарувачка за природен гас, но и поради поскапите дозволи за емисија на штетни гасови.