Српскиот претседател Александар Вучиќ по денешната седницата на Советот за национална безбедност, на прес конференција зборувајќи за енергетската состојба, оцени дека Србија ја очекува многу тешка есен и зима и дека државата ќе излезе со предлог за намалување на потрошувачката на електрична енергија.
Сакаме да ги поттикнеме луѓето да штедат и да заработуваат – ова ќе се мери според потрошената енергија во истиот месец од претходната година – на пример, октомври оваа година во споредба со октомври 2021 година. Нашиот предлог ќе биде да секој што ќе ја намали потрошувачката меѓу пет и 20 отсто да добие дополнителен попуст од 10 отсто на износот на сметката, рече Вучиќ.
Како што додаде: „Покрај тоа што ќе плаќате помалку поради помалата потрошувачка, ќе ви дадеме уште 10 отсто помалку да платите, а јас ќе барам да биде уште 15 отсто, не знам дали владата ќе го прифати тоа. Тие што ќе ја намалат потрошувачка од 20 до 30 отсто, ние како држава ќе им дадеме уште 20 отсто дополнителен попуст“.
Тој изјави дека за оние кои имаат намалување на потрошувачката над 30 отсто, ќе добијат 30 отсто попуст на инаку намалената потрошувачка и мрежната такса.
Што се однесува до парното, Вучиќ кажа дека греење ќе има и дека е обезбеден и мазут.
Во моментов имаме 287 милиони кубни метри гас, складиштето во Банатски двор е полно, и досега имаме 352 милиони кубни метри во Унгарија, а во текот на зимските месеци можеме да црпиме 6 милиони – исто така обезбедивме до два месеци снабдување со гас без проблем, рече српскиот претседател.
Тој забележа дека има проблем со платниот дефицит и дека поради увозот ќе треба да се трошат девизни резерви, кои инаку се големи, „така што ќе успееме тоа да го издржиме до две години“.