Има многу работи кои можат да доведат до недостаток на мотивација на работното место, некои можеби и самите сте ги доживеале. Според новото истражување објавено во списанието Sex Roles, лошиот сон може да влијае на мотивацијата, повеќе кај жените отколку кај мажите, пишува Живим.
Како спиењето влијае на мотивацијата?
За целите на оваа студија, истражувачите од Државниот универзитет во Вашингтон испитувале како спиењето влијае на нашата способност да се стремиме кон повисок статус и поголема одговорност на работа. За да дознаат, испрашувале 135 работници секој ден во текот на две недели и барале од нив да откријат колку добро спиеле секоја вечер, како биле расположени во текот на денот и колку се мотивирани да работат по завршувањето на работниот ден.
Интересно е што и мажите и жените имале и добри и лоши ноќи на спиење, но кај жените на мотивацијата на работа повеќе влијаеле промените во сонот.
И покрај тоа што нема разлика во квалитетот на сонот меѓу мажите и жените, резултатите покажаа дека мотивацијата на жените е повеќе погодена по лош сон отколку мажите.
– Кога жените добро ќе спијат и нивното расположение е подобро, поверојатно е дека тој ден ќе бидат насочени кон постигнување статус и одговорност на работа. Доколку сонот им е лош и им го намалува позитивното расположение, забележавме дека тогаш тие се помалку ориентирани кон тие цели – изјавила за MindBodyGreen Лија Шепард, раководител на студијата.
Затоа, велат истражувачите, важно е да се откријат механизмите кои се во основата на родовите разлики во влијанието на спиењето врз мотивацијата. Во моментов, можеме само да шпекулираме зошто жените се повеќе погодени, а истражувачите забележуваат дека тоа би можело да биде комбинација на родови разлики во регулирањето на емоциите и социјалните очекувања.
Сепак, една важна работа што жените можат да ја научат од оваа студија е дека квалитетниот сон може да доведе до подобра мотивација, и обратно.