Брзите промени во рамките на технологијата и техниката, влијаат и во начинот на работа. Активната примена на новите технологии и нивно усогласување со работниот процес бара работникот постојано да се изложува на процес на доквалификација или преквалификација.
Високото образование веќе не продуцира „готов“ производ подготвен за пазар на трудот, а со текот на времето високо – образовните институции се заменуваат со приватни академии или курсеви од школи кои им даваат краткотрајни вештини на работниците и ги подготвуваат за една етапа од нивниот работен процес.
Поради ниските примања, голем број работници се одлучуваат на дополнителна или „втора“ работа се со цел да ги покријат основните трошоци за живот. Обично дополнителна или втора работа се работи без адекватна квалификација во дефицитарни области, со што се создава целосна депрофесионализација на кадарот. Понекогаш работодавците воопшто не се заинтересирани за степенот на образование на работникот и важно им е само да има работно искуство или бргу да се вклучи во процес на работа без долги обуки кои компанијата ја чинат многу пари.
Со тоа образованието не игра никаква улога во наоѓање на работа, а во недостаток на работна сила, работодавците вработуваат секаков профил на работници. Во суштина на работодавците им одговара неквалификуван кадар кој може да ја работи работата на квалификуваниот кадар, бидејќи за истата работа го плаќа значително помалку. Од друга страна неквалификуваниот работник, не може со иста ефикасност да ги обавува работите како квалификуваниот работник што често оди на штета на компанијата, а тие скриени трошоци не се евидентираат.
Со брзи курсеви до професионализација
Денеска можете да слушате емисии за здрава храна или да читате книги за здрава храна кои ги авторираат луѓе кои воопшто не се нутриционисти, но имаат завршено некоја краткотрајна обука за здрава исхрана. Еден куп надрилекари кои нудат ефикасни, но клинички непроверени формули за долговечност и здравје. Луѓе кои се вклучуваат во процес на едукација на деца и воздрасни, а не се педагози, ниту андергози и сл.
Овој тренд произлегува од неможноста луѓето да најдат работа по својата струка, па се преквалификуваат за област која е дефицитарна и во која е потребна поголема работна сила. Исто така, сродни научни дисциплини овозможуваат луѓето да се перципираат како квалификувани да вршат некоја дејност како дополнителна или втора работа. На пример еден новинар, може да работи и односи со јавност за некоја институција или компанија. Сепак новинарството и односи со јавноста се две ралични профили на стука кои бараат различно образование и метод во работата.
Денеска да работите одредена работа доволно е да посетите еден брз курс и тоа од неакредитирана академија, со која диплома ја потврдувате вашата компетентност да работите одредена работа. Со тоа улогата на високото образование во професионализацијата целосно губи смисла.
Истиснување на високото образование од професионализација на кадри
Стапката не невработеност во Македонија во второто тромесечје од 2022 година изнесува 14.5% што е значително повисоко од европскиот просек, а Македонија е една од земјите на врвот од листата со највисока стапка на невработеност на регионално ниво.
Од вкупното активно население со високо образование скоро 9,1% се невработени, што е прилично голема стапка со оглед на стручната подготвеност на работниците. За споредба европската стапка на невработеност во просек изнесува 6,8%, што за Македонија е тешко достиглива дури и кога е високообразовниот кадар во прашање.
Со однос на тоа дека високото образование нема голема улога во професионализација на кадри и не е вреднувано на пазарот на трудот како показател за стручните капацитети на работникот, високото образование се повеќе се истиснува од процесот на професионализација.
Денеска наместо акредитираните универзитети, улогата на професионализација ја преземаат центри за обука и приватни академии, кои се доволни да го оспособат работникот и да го воведат во процесот на работа.
Универзитетите го задржуваат само приматот на научна дејност која повторно во Македонија е поразителна. Од вкупниот буџет на Македонија за научно-истражувачка работа се одделуваат само 0,00033% од средствата. Тоа не е доволно да се направат ниту краткотрајни истражувања и да се придонесува во развој на науката. Поради ваквата состојба универзитетите во Македонија ја губат улогата во процесот на професионализација, а универзитетската диплома на пазарот се вреднува колку обично парче хартија.
Автор: Магдалена Стојмановиќ