Кога основа за креативните пориви е љубовта, нема неприлики кои ќе ти застанат на патот кон реализација на соништата.
Доказ за тоа е Ареа која вчеравечер го промовираше својот нов албум насловен „Љубов е”.
Со очигледна посветеност и ентузијазам, Ареа уште еднаш покажа зошто 30 години е врвна рок група која му пркоси на она „Една птица не прави пролет”, страсно земајќи ја во свои раце улогата на водилка која кон себе привлекува јато свесност дека музиката е таа која ги крши оковите, ги покорува неприликите и храбро не води кон позитивна енергија и слободоумност.
Пред пристојна бројка на љубители и почитувачи на квалитетната рок музика, Ружица и целиот нејзин тим ја презентираа сета своја раскош, уметничка, музичка, но и човечка, срдечно посветувајќи се на секој поединец.
На албумот се запишани 11 нови, авторски песни на Ареа, во класичен и добро препознатлив рок ритам. Три од нив: „Отсекогаш”, „Ангелу мој” и „Јаве или сон” се веќе поединечно промовирани во месеците наназад. За последната од нив, веќе беше промовиран и видео запис.
Дизајнот на обвивката на албумот е на нивната ќерка Елена и Андреј Исајлоски.