Денеска, православните верници го одбележуваат празникот посветен на Света Јулијана, една од најпознатите ранохристијански маченички, која со својата вера, истрајност и жртва оставила длабок белег во историјата на христијанството.

Света Јулијана била родена во Никомидија од родители незнабошци, но откако ја слушнала проповедта на Евангелието, со целото срце се обратила кон Христа и започнала да живее според Неговите заповеди. Иако била свршена за угледниот сенатор Елевсиј, таа јавно ја исповедала својата христијанска вера и одбила да стапи во брак со него доколку и самиот не ја прифати верата во Христос.

Нејзината одлука предизвикала гнев и кај свршеникот и кај нејзиниот татко, по што била пријавена, мачена и затворана од тогашниот епарх. Според црковното предание, и покрај тешките маки, Бог чудесно ја исцелувал, а дури ни вжарениот оган не можел да ѝ наштети. Овие настани довеле до обраќање во христијанството на голем број луѓе, кои подоцна биле погубени поради верата.

Света Јулијана, на крајот, била осудена на смрт со меч. Таа ја примила пресудата со мир и молитва, предавајќи ја својата душа на Бога во 304 година. Црковното предание сведочи дека нејзиниот прогонител подоцна бил стигнат од Божја казна.

Празникот на светата великомаченичка Јулијана денеска е потсетник на силата на верата, моралната храброст и духовната слобода, кои и по векови остануваат инспирација за верниците.

Денеска појдете во Црква и помолете се за своите најблиски, запалете свеќа, бидејќи женските фигури во христијанството се чувари на семејството и семејните вредности.