Првата детска амбасада Меѓаши и Здружението на граѓани Центар за рамноправно родителство „Децата пред се“ денеска потпишаа меморандум за соработка со кој се насочуваат заедничките дејства во овозможување на рамноправното родителство по бракоразводната постапка.
Здружението на граѓани Центар за рамноправно родителство Децата пред се подготви предлог закон за семејство, кој треба да биде предложен со Собранието и според кој се овозможува еднакво родителско право на родителите по разводот. Една од главните одредби во предлог законот за семејство на иницијатива на Центар за рамноправно родителство „Децата пред се“ е да не се доделува целосно старателство само на еден родител и да се санкционираат лажните пријави за насилство врз детето или педофилија, што досега не беше пракса.
Првата детска амбасада Меѓаши потврди дека на нивните СОС телефонски линии „Ало бушавко“ често се јавуваат деца на кои од страна на родителот старател им е оневозможено да го гледаат нерезиденцијалниот родител. Според претседателот на Првата детска амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац поддршката на новиот Предлог на Закон за семејство ќе донесе поголема правда и за двајцата родители, како и за децата кои имаат неприкосновено право на родителска грижа и од двајцата родители.