Од почетокот на пандемијата наваму во земјава се регистрира пораст на бројот на жртвите на семејно насилство. Според регистрираните случаи, и натаму најмногу насилство трпат жените.
Тие се жртви на насилство најчесто од своите брачни партнери.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека од направената анализа на податоци за периодот јануари – јуни 2019 и 2020 година, процентот за зголемување на жртвите на семејно насилство во 2020 година е за 7,4 отсто поголем во споредба со истиот период од 2019 година.
Или годинава во периодот од јануари заклучно со јуни се евидентирани 824 жртви на семејно насилство, од кои 611 се жени, 140 мажи и 73 деца.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, регистрирале и убиства и обиди за убиства при извршување семејно насилство.
Во периодот од 10 март до 31 јули 2020 година се регистрирани три (во споредба со две во 2019 година) кривични дела „убиство при вршење семејно насилство“, за кои се пријавени тројца (во споредба со двајца во 2019 година) сторители.