Од министерството за здравство информираат дека секојдневно се зголемува интересот за вакцинација а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 422.503 граѓани.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера биле вакцинирани вкупно 224.336 граѓани.
Прва доза на вакцина вчера примиле 2.958 граѓани, а се вакцинирале вкупно 6.940 граѓани.
Од МЗ дообјаснуваат дека во државата досега се аплицирани вкупно 267.167 дози вакцини, а ревакцинирани се 42.831 граѓани.
Со последните бројки, додаваат од ресорното министерство, 46 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 39 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
– Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 Арената-СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата – стои во писменото соопштение од министерството.