Иако наставните програми се готови, сепак, се поизвесно е дека новите учебници ќе доцнат во првите месеци од учебната година.
Изготвени се соодветните материјали од кои треба да учат учениците во прво, второ, четврто и петто одделение од 1 септември, додека не стигнат новите учебници, согласно новите наставни програми, информираат од Бирото за развој на образованието (БРО) .
За сите предмети за прво, второ, четврто и петто одделение се изготвени соодветни материјали испечатени во една книга, поединечно за секое одделение, со цел децата да можат да учат првите два месеци од новата учебна година. Тие ќе бидат доставени во училиштата од 1 до 5 септември – велат од БРО.
- Новите учебници се во различни фази на подготовка
Министерството за образование и наука изминатиот месец информираше дека учебната 2022-2023 година ќе започне на 1 септември, како и дека во соработка со Бирото за развој на образованието и другите надлежни институции и партнери интензивно работат на обезбедувањето на сите неопходни услови за успешен почеток и тек на наставата.