Туречи и Шахин во интервју за DW рекоа дека прашањето кога ќе заврши пандемијата е тешко, имајќи предвид дека секој ден учиме нешто ново за вирусот, за тоа како тој реагира на вакцината, но дека веќе со сигурност постепено ќе се дојде до нова нормалност.
– Дефинитивно ќе се справуваме со вирусот уште неколку години. Ќе се најдат и одговори на прашања што ги немаме денес. Иднината ќе покаже дали ќе се појават нови варијанти на вирусот и дали ќе треба да се приспособат вакцините – сметаат основачите на Бајонтек.
Запрашан дали Бајонтек работи на нова вакцина против новите мутации на вирусот, Шахин рече дека варијантите на вакцините во моментов се тестираат на релативно мал број волонтери.
– Студијата за јужноафриканската бета варијанта е речиси завршена, уште една за делта варијантата е во тек, пред се заради собирање податоци – рече Шахин.
Тој посочи дека во моментов нема потреба од замена на вакцината, но дека сакаат да покажат дека можат да произведат и клинички тестираат нови варијанти на вакцини кои се исто толку безбедни како и вакцините што ги имаме во моментов.
Шахин рече дека доколку во наредните години се појави варијанта за која вакцината мора да се адаптира, тоа би можело да се направи многу брзо, имајќи предвид дека веќе се воспоставени соодветните процеси.