Најголемата компанија во областа на здравствената заштита во американската сојузна држава Њујорк, „Northwell Health“, отпушти 1.400 вработени кои одбија да вакцинираат против коронавирусот, изјави портпаролот на таа компанија, Џо Кемп.

Како и во случаите на други компании што работат во областа на здравството, кои во претходниот период отпуштија работници кои одбиле вакцинација, и во оваа компанија бројот на отпуштени претставува мал дел од вкупно 76.000 вработени.

Воведувањето на задолжителна вакцинација за здравствените работници во Њујорк стапи на сила минатата недела. Ваквите мерки беа преземени од некои други држави, вклучително и Калифорнија.

Официјалните лица рекоа дека таквите одлуки доведоа до зголемување на стапката на вакцинација, иако мал дел од вработените сепак одлучија да ја загубат работата пред да ја примат вакцината.