Понудата на АД ЕСМ е единствената што пристигна на денешниот тендер на ЕВН Хоме, како универзален снабдувач, за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември во 2022 година.
АД ЕСМ, како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронскa аукциja, понуди купопродажна цена на електрична енергија на ЕВН Хоум од 48 евра за мегаватчас за покривање на 100 отсто од вкупно планираните количини. Добиената купопродажна цена за периодот јули-декември 2022 година e за 17 отсто повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на универзалниот снабдувач за периодот јануари-јуни во 2022 година, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегаватчас, информираат од компанија.
За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во наредниот период, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на преносниот систем оператор МЕПСО, цената на операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.