Од 2011 до 2019 година од нашата држава се одлеале 700 илјади наши сограѓани или скоро секој четврти заминал од државата. Иако тој тренд се намалил во ковид-периодот, за жал, тоа претставува сериозен проблем, не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политиките туку за целото општество, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи
Петте клучни причини за ваквиот тренд, според него, доаѓаат од недовербата во институциите.
-Недовербата во смисла на висока корупција, големата политичка нестабилност беше на прво место, а другите се подобар животен стандард, проблеми со образование, проблеми со здравство, проблеми со перспектива за децата, тоа се работи коишто веројатно заради погрешните политики 30 години придонеле да дојде до ова. Најверојатно на креирање на политиките ќе мораме како општество да отвориме дискусија за пополнување на пазарот на трудот, за однесување малку различно од тоа што сме се однесувале досега – изјави вицепремиерот Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“.
Додаде дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина се уште висок, но 93,4 проценти од невработените се функционално неписмени, или значи дека нивните вештини не одговараат на пазарот на трудот.
– Конечно мислам дека е дојдено време сите да се освестиме дека мораме да се менуваме и да бидеме активни чинители на пазарот на трудот, секој колку што може да придонесе, а тоа значи реквалификација, преквалификација, менување на навиките за работа – истакна Битиќи.
Според него, работа има, барање за работна сила има, но погрешните политики 30 години не дале резултат т.е. произведувале работна сила којашто не одговарало на пазарот на трудот.
Дополнително загрижувачки од денешниот извештај е тоа што процентот на тие коишто сега имигрираат за разлика од тие што имигрирале пред 20 или 25 години е со пообразовна структура, значи со високо образование наместо, како што било пред 25 или 30 години, каде што тие што имигрирале биле со пониско образование.