Денеска до нашата редакција стигна допис потпишан како „група вработени во средното училиште во Шуто Оризари“ во кој се наведува дека директорот на средното училиште во Шуто Оризари, Доан Сулејманоски ја злоупотребува својата директорска позиција со цел мобилизирање на ученици од училиштето за членство во младинскиот сојуз на СДСМ.
Почитувани, во контекст на нерагуларности во работењето на директори од средните училишта при град Скопје, во прилог испраќаме информации за директорот на средното училиште во општина Шуто Оризари, г-дин Доан Сулејмани, за кој доколку градоначалничката Данела Арсовска би била доследно информирана од нејзините надлежни соработници во град Скопје, овој директор многу одамна би го разрешила бидејќи се уште е директор на средно училиште со одземена лиценца за директор од страна на државниот испитен центар, покрај другите нерегеуларности во неговото работење, стои во писмото потпишано од група наставници во училиштето до нашата редакција.
Меѓудругото тие го обвинуваат директорот Доан Сулејманоски дека ја злоупотребил неговата директорска позиција со цел да мобилизира млади ученици од школото да бидат дел од партиските активности на младинскиот сектор при СДСМ, а во прилог на писмото се испратени и неколку фотографии кои според наводите говорат во прилог на тоа дека директорот злоупотребувал службена позиција.
Фотографиите се во архивата на редакцијата, но поради тоа што на нив се прикажуваат лица на малолетници, одлучивме да не ги објавиме иако истите биле јавно објавени претходно на официјалната фејсбук страница на ЛК СДММ Шуто Оризари.
Писмото е испратено од личен налог, но е потпишано како група вработени во училиштето. Иако се обидовме да стапиме во контакт со испраќачот на анонимното писмо, не успеавме да ја продолжиме комуникацијата со цел обезбедување на допилнителни релевантни информации и да ја провериме нивната веродостојност.
За коментар го побаравме и директорот на средното училиште во Шуто Оризари Доан Сулејманоски кој потврди дека имало претставки против него, кои се проверувани уште во месец март.
Инспектцискиот надзор кој ја проверувал работата на директорот не увидел никакви нерегуларности во неговото работење.
Тој тврди и дека зад целата хајка се крие поединец кој имплементира политички притисок за тој самостојно да си даде оставка и тврди дека не е дел од никаква партиска структура, туку дека сосема независно и по заслуга е дојден на директорската позиција.
Во целост се оградувам од наводите во анонимното писмо пристигнато до вашата редакција. Станува збор за постар случај со неосновани наводи во кој паушално беа наведени имиња на „подносители“ – наставници од училиштето без нивно знаење, без согласност, без подетални лични податоци и потписи. Случај со неуспешно сценарио и нереализирани цели и интереси, ситуација за која имаше соодветна реакција од вмешаните и засегнати наставници и институционално постапување, стои во одговорот кој ни го проследи директорот на училиштето.