Лицето кое синоќа беше приведено поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во неколку средни училишта, е пуштено на слобода откако по извршениот распит и претрес во неговиот дом, првичните вештачења не покажале негова поврзаност со испратените пораки, потврдуваат за МИА од Јавното обвинителство.
Како што посочуваат оттаму, откако лицето од страна на СВР Скопје било лишено од слобода, известен е јавен обвинител кој во интерес на ефективно постапување, веднаш до судијата на претходна постапка доставил барање за претрес на домот на лицето и одземање на електронските уреди од кои потенцијално би можеле да бидат испратени пораките.
–Во текот на измината вечер по напатствија на јавниот обвинител се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода – стои во изјавата од обвинителството.
Од МВР, претходно, денеска, за МИА потврдија дека со лицето кое синоќа беше приведено во врска со случајот е извршен распит и претрес во неговиот дом.
– Со лицето е извршен службен разговор, во координација со Јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот – потврдија од МВР за МИА.