Марјан Георгиевски e дипломиран актер, магистер по театарска режија, стендап комичар, студент по психологија.
Работи како актер во Народниот театар во Битола каде редовно игра и режира. Активно се занимава со стендап комедија (со повеќе од 700 настапи низ Македонија).
Пишува сценарија за Тв емисии, претстави и книга. Татко е на малолетно дете и учесник во брачна состојба.
Она што не го знаевте за Марјан, е дека пие утринско кафе пола ден.
„Не ме гибај” му е утринскиот благослов кон останатите. Пие пиво без мезе, гледа серии, помеѓу глупав филм и длабок сон секогаш го избира второто.
Има намера да направи психотерапија базирана на пцуење/хејтање и смеење.
ЗЛАТЕН ЗАБ COMEDY ROOM е новото шоу во кое тој се јавува како водител, а се емитува секоја недела, во живо од 21часот премиерно на платформата на Продукција Златен Заб и секоја среда од 20 часот репризно за слушателите на Радио МОСТ.
Препорачано е за публиката од Вардар до Триглав, која ќе има можност да гледа и слуша еден поинаков формат на комедија-дебата, каде комичарите ќе дебатираат на најразлични теми на нивен хумористичен начин.
Продукцијата Златен Заб заедно со Марјан Георгиевски креираше интересно шоу, каде еднаш неделно на публиката и нудат бесплатен хумор.
Шоуто трае 1 час.
Марија од продукција „Златен заб“ за „Мој збор“ истакна дека овој проект е креиран со многу ентузијазам во однос на очекувањата дека ќе биде составен дел од секојдневието на луѓето.
Проектот опфаќа универзални интереси како што се хуморот и комиката и од таа причина може да биде дел од секојдневниот живот на секој поединец.
–На дебатите со комичарите доаѓа до израз вештината на артистот на духовит начин, да ни каже за светот околу него, едноставна форма на социјална критика. Медиумите се преплавени со разни форми на комедија, од ситкоми до реални формати, со ЗЛАТЕН ЗАБ COMEDY ROOM промовираме нов начин на работа во областа на стенд-ап комедијата и воопшто нов хумор. COMEDY ROOM е место каде можеме да бидеме реални, забавни, хард кор брутални, без маска, без дезинфекција на вистината. Дебатираме на вистински начин, само со комичари-луѓето кои решиле својот живот да го гледаат преку визирот на светлата страна. Нас не’ интересира хуморот – се друго е болно и патетично, изјави Марија од „Златен Заб – COMEDY ROOM“.