Азиските земји побрзаа да го нарачаат најновиот потенцијален лек против ковид-19, кој е во форма на таблети, иако сѐ уште не е одобрен за употреба.
Според аналитичката компанија „Ерфинити“, најмалку осум земји од азиско-пацифичкиот регион, вклучувајќи ги Нов Зеланд, Австралија и Јужна Кореја, веќе имаат потпишано договори или се во преговори за купување на лек произведен од американската компанија „Мерк“. Европската Унија, исто така, го разгледува овој лек.
„Мерк“ побара одобрување за итна употреба од Американската администрација за храна и лекови (ФДА). Доколку се одобри, оваа пилула ќе стане првиот орален антивирусен лек против ковид.
Кога на пациентот ќе му се дијагностицира инфекцијата, тој може да започне со терапија со овој лек и да земе четири капсули од 200 милиграми двапати дневно, во текот на пет дена, објави „Си-ен-ен“.
– За разлика од вакцините, кои предизвикуваат имунолошки одговор, молнупиравирот го попречува размножувањето на вирусот – рече Санјаја Сенанајаке, специјалист за заразни болести на Австралискиот национален универзитет.