Светскиот ден на тоалетите (World Toilet Day) е официјален ден на
Обединетите нации, кој се одбележува секоја година на 19 ноември со цел да
инспирира акција за справување со глобалната криза за санитација. Над 4,2
милијарди луѓе во светот немаат пристап до „безбедно управувана санитација”, а околу 673 милиони сè уште практикуваат отворена дефекација.

Целта на одржлив развој број 6 (SDG 6) се стреми да обезбеди достапност и
одржливо управување со вода и санитација за сите. Особено важна е целта 6.2,
која повикува на ставање крај на отворената дефекација и обезбедување
пристап до санитација и хигиена. Сепак, според извештајот за Целите за
одржлив развој од 2020 година, оваа цел е сериозно загрозена, што го
попречува напредокот кон Агендата 2030 и постигнувањето на мир и
безбедност, како што истакна генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

Зошто се важни тоалетите?

Здравје: Безбедните санитарни системи спречуваат ширење на опасни
болести како што се холера, дијареја, тифус и дизентерија.

Достоинство: Пристапот до тоалет има огромно влијание врз човековото
достоинство, особено во кризни и природни катастрофи.

Безбедност: За жените и девојките, безбедните тоалети значат заштита од
насилство и ризици.

Од 2013 година, Светскиот ден на тоалетите е официјално прогласен за ден на
Обединетите нации, благодарение на иницијативата на Сингапур. Секоја
година, темата на денот ја избира UN-Water, кој исто така ја одржува
официјалната веб-страница за овој ден.

Новинари за човекови права во соработка со Балканската мрежа за вода десет
години го одбележуваат овој ден со цел подигнување на свесноста од итна
потреба за јавни тоалети, но за жал градските власти немаат слух за оваа тема.
Во 2021 година, по повод Светскиот ден на тоалетите, НЧП истакнаа дека градовите во Македонија или немаат јавни тоалети, или тие се нефункционални. Дополнително, само 18% од територијата на државата е покриена со канализациска мрежа, што укажува на потребата од подобрување на санитарната инфраструктура.

Истата година, НЧП постави уметничка инсталација на тоалетна шоља пред
нефункционалниот јавен тоалет во Скопје (под мостот Гоце Делчев), со цел да
го привлече вниманието на јавноста кон недостатокот на јавни тоалети и
потенцијалните здравствени ризици поврзани со тоа, но освен медиумска
покриеност ниту еден претставник на градската власт не се одважи да направи
промена.