Обичната вода, иако е пожелно да се пие, нема најголеми хидратантни својства, покажа студијата на шкотскиот универзитет Св. Ендрјус кој ги споредил перформансите на хидратација на неколку различни пијалоци.
Истражувачите откриле дека водата доста добро и брзо го хидрира телото, но пијалоците со малку шеќер, масти или протеини го одржуваат нашето тело подолго хидрирано.
Според Роналд Моган, професор на Универзитетот Св. Ендрјус и авторот на студијата, еден фактор е обемот на одреден пијалок: колку повеќе пиете, толку побрзо пијалокот го напушта желудникот и се апсорбира во крвотокот, каде што може да ги разреди телесните течности и да ве хидрира.
Друг фактор кој влијае на тоа колку пијалокот го хидрира телото е поврзан со составот на хранливите материи во пијалокот. На пример, беше откриено дека млекото хидрира подобро од обичната вода бидејќи содржи лактоза, некои протеини и малку масти, а сето тоа помага да се продолжи задржувањето на течности во желудникот и да се одржува хидратацијата подолг временски период.
Млекото исто така содржи натриум, кој делува како сунѓер и ја задржува водата во телото, што резултира со помалку урина. Истото важи и за растворите за орална рехидратација што се користат за лекување на дијареа. Тие содржат мали количини на шеќер, натриум и калиум, кои исто така помагаат да се задржи водата во телото.
Електролитите како натриум и калиум придонесуваат за подобра хидратација, додека калориите во пијалоците резултираат со побавно празнење на желудникот, а со тоа и помала потреба за мокрење – изјави Мелиса Мајумдар, диететичар и портпарол на Академијата за исхрана и диететика.