Порано или подоцна сите родители се наоѓаат во ситуација кога треба да го смират расплаканото бебе и да го заспијат – задача која често не е лесна за извршување. Колку подолго му треба на бебето за да заспие, толку е поголема фрустрацијата на родителите. Во зависност од тоа кого прашувате, секој ќе даде некоја „проверена“ стратегија. Меѓутоа, каков е ставот на науката по ова прашање?
Неврологот од центарот РИКЕН во Јапонија, Куми Курода и нејзиниот тим сега пристапија на овој проблем од научна страна и смислија техника која може да се користи како сигурно средство за смирување и заспивање на бебињата. Нивната студија е објавена во списанието Current Biology.
Магични 13 минути
За студијата, тимот снимил 21 бебе користејќи видео камери додека нивните мајки се обидувале да ги смират користејќи различни методи како што се носење, држење или туркање во колички.
Во исто време, ЕКГ апаратот го мерел пулсот на бебињата додека спиеле, плачеле и кога одмарале будни. Анализата на податоците го потврди она што веќе беше познато – блискиот контакт со мајката има смирувачки ефект врз бебето.
Сепак, родителите често се жалат дека нивното бебе брзо се буди откако ќе биде спуштено, што ги натера истражувачите да утврдат како да го спречат ова однесување.
Утврдено е дека една третина од прегледаните бебиња биле будни во рок од 20 секунди откако биле сместени во креветчето, а како и во која положба биле легнати не играла никаква улога во тоа како понатаму ќе се развива ситуацијата. Вториот аспект беше очигледно поважен.
Курода објаснува дека клучниот параметар за успешно легнување на бебињата без будење е времето. Таа додава дека доколку родителите не сакаат нивното дете да се разбуди откако ќе го стават во креветчето, треба да почекаат да поминат осум минути.
Со други зборови, научниците тврдат дека на бебето му требаат вкупно 13 минути за да заспие без страв дека ќе се разбуди – откако родителите нежно го нишаат пет минути, тоа треба да заспие; тогаш родителите треба да го држат мирно во раце уште осум минути додека седат.
Оваа стратегија за смирување на расплаканото бебе се покажа како најефикасна техника за смирување и заспивање.
Научниците заклучуваат дека овие наоди можат да бидат многу корисни и додаваат дека се надеваат дека ќе го намалат дополнителниот стрес што го доживуваат неискусните родители. –Потребна ни е наука за да го разбереме однесувањето на бебето, бидејќи е многу покомплексно и разновидно отколку што мислиме, рече Курода.