Голем број вработени во малите маркети и синџирите за брза храна се чувствуваат небезбедно и стравуваат од ширењето на нова варијанта на ковид-19, откако локалните власти во американските сојузни држави Мисисипи и Тексас го укинаа задолжителното носење на заштитни маски. Ваквата одлука доаѓа по вакцинацијата на голем број луѓе во овие држави, пренесува „Си-ен-ен“.
– Ситуацијата бргу се смени. Членови на моето семејство починаа од ковид-19, па лично сум навредена кога луѓето не носат маски. Но, ги стегам забите и продолжувам да работам. Има купувачи кои ги разбираат ризиците, но има и други кои ги лижат прстите пред да ми дадат пари. Со секоја минута помината на работа, се прашувам како да останам безбедна – вели 19-годишната Алексис де лос Сантос која работи за синџир на маркети во Тексас.
Ситуацијата наликува на почетокот на пандемијата, кога од купувачите беше барано да носат маски, но тие не беа законски обврзани да го прават тоа.
Работниците во маркетите велат дека нивните работодавачи не го применуваат ова правило и стравуваат да им пристапат на купувачите поради шансите од вербална или физичка пресметка.
За многумина кои работат во трговијата на мало, особено продавниците за храна, укинувањето на маските е уште еден пример за тоа колку малку тие се заштитени и колкава благодарност добиваат за време на пандемијата.
Иако тие важат за приоритетни работници, тоа ретко е покажано на дело и тие не добиваат зголемување на платите, ниту приоритет за вакцинирање во повеќето американски држави.
Синдикатот на Обединети работници за храна и трговија, кој претставува околу 900.000 работници во малите маркети, месецов соопшти дека најмалку 34.700 работници низ САД се заразиле или биле изложени на ковид-19, а најмалку 155 работници починале како резултат на тоа.