Министерството за здравство со поддршка од Светска здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ од понеделник почнува со караван за вакцинација против ковид-19, кој ќе опфати 14 локални заедници низ државата, соопшти Минитерството за здравство. На секое од овие места, согласно распоредот, граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против ковид-19. Исто така, на овие локации граѓаните кои се вакцинирани во странство ќе имаат можност да се евидентираат во системот Мој Термин.
Имајќи предвид дека невакцинираната популација има поголем ризик од смртен исход од ковид-19, во споредба со вакцинираните, тоа значи дека голем дел од популацијата останува незаштитена. Одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Вакцинирањето е побезбеден начин за заштита на здравјето, отколку инфекцијата со вирусот, која може да доведе до смртен исход, а бустер дозите овозможуваат континуирана и максимална заштита – се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Покрај активностите од караванот за вакцинација, кои ќе се реализираат во следните две недели и ќе опфатат 14 локални заедници, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат и во здравствените домови во државата.