Сликарството и цртачкото творештво на Никола Мартиноски (роден во Крушево 1903-1973) зазема особено важно место во развојот на современата македонска уметност, живеел во време на длабоки историски промени кои имале големо влијание врз културата и уметноста на Македонија.
Како еден од претставниците на првата професионална школувана ликовна генерација, тој се школувал во Букурешт, а своето усовршување го достигнал потоа во Париз. Основната определба на ликовниот израз на Мартиноски е експресионизмот доловен во една покласична варијанта, преплетен и заменет во извесни фази од визуелното творештво со смирени реалистички, па дури и до надреално-фантастични моменти во изведбата(сликарство, цртеж, графика и скулптура).
Во својот широк дијапазон на мотивски интереси, посебно место има еволуцијата во портретното сликарство, вклучувајќи ги тука и неговите автопортрети.
Имено, главниот творечки интерес е човекот, неговата личност, жива експресија и лик, но исто така, тој бил најмногу свој во мотивите „Мајка и дете” и портретите инспирирани во голем дел од животот на Ромите во Скопје. Својата уметничка вистина ја барал во светот на сиромашните, во нивната филозофија на живеење, создал поинаков идеал на женска убавина како да го следел Едгар Дега кој забележал дека, цитирам:
–Некои жени во својот шарм ја имаат онаа нота на грдост без која нема спасение.
Ликовите не се весели, туку полни со несигурност, тага и незадоволство, всушност , овие особености јасно укажуваат на авторовиот интерес за карактерот отколку за физичката убавина.
Во различни периоди од креирање на својот микрокосмос, воглавно, присутни се следните тематски преокупации: пејзажи, портрети, автопортрети, мртва природа, фигурални цртежи, тема мајка и дете и слики изработени на стакло.
Пејзажот го изведува во широки потези, со наивно и роматнично чувство, со истакнување на црна контурна линија која и дава композициска целина на сликата, со хармонична загасита гама на на црвен, син и жолт колорит ( „Пејзаж”, „Предел”, „Пејзаж од Стара чаршија”, „Приморски пејзаж” и др.). Во портретите применува повеќе кубистички влијанија и влијанија од француските сликари на дваесеттите години од минатиот век, и тоа во благото извртување на главата во анфас со пробивен поглед, потоа необично свртување на фигурите од грб, експресивен распоред на светли и темни тонови и нагласен цртеж од експресивен до реалистичен смирен начин на обликување („Две деца”, „Деца што јадат бостан”, „Женски портрет”, „Девојче со шамија”, „Циганска принцеза”, „Портрет на Ники”, „Портрет на девојче”, „Портрет на Американец” и др.).
Во своето визуелно проседе Автопортретот го третира во широки колористички површини, со пастуозно и брзо експресивно нанесување на боите и потезите и линеарно поврзување на формите. Несомнено, антологиска вредност имаат делата во овој жанр особено во грчевитото расположение во моментот кое го доловува со очи назначени со две далбоки темни дамки, откривајќи внатрешна вознемиреност.
Како што напоменав погоре, најмногу време Никола Мартиноски му посветува на интимниот и чувствителен мотив „Мајка со дете” или „Доилка”, во кои ги синтетизирал сите хуманистички и естетски начела.
Во овој жанр ја афирмира својата креативна волја и восхит кон архетипскиот свет лик на мајчинството во кој се проткајуваат еротски и социјални мотиви. Впрочем, видливо е присуството на влијанија од Кислинг, Модилјани, Сутин, особено во делот на драматичната издолженост на вратот, рамната монохромна површина која ја нарушува со мал колористички потег и иконовидната композициска шема. Мајката е истоштена, уморна, а детето е пасивно кукле кое спие завиено во пелени.
Овој трагичен лик на мајката со индивидуализирани црти некаде го преобразува во егзотичен лик со симболична претстава на мајка и дете. Мошне значаен пресврт во неговата ликовна ризница претставуваат цртежите во кои се забележува поголема разиграност, спонтано движење, ритам и деформација на линијата, исполнети со посебна фантастичност и разновидност на животот.
Боените површини се надоврзуваат на розовата фаза на Пикасо и темите од циркузантите, танчарите, акробатите и сл., кадешто се забележува едно лирско доживување со гротескно изведени ликови-маски, со специфичен ужас во изразот на ликовите, но и весела и светла интонација со јасни знаковни форми на сонце, игра, љубов и музика („Игра”, „Музика”, „Циркус”, „Љубов”, „Љубовна игра”, „Композиција” и др.).
Од обемната ризница може да се потврди дека Мартиноски е сликар на лунарна или ентериерна светлина, впуштајќи се во послободни решенија и психолошко нијансирање на своите мотиви. Во нив преовладува интимистичко-романтичарско чувство и експресионистичка форма со разигран цртеж, топол и интензивен колорит и деформирани форми.
Според својата личност и општествена улога, веродостојно е мислењето дека Никола Мартиноски ја изврши улогата да ги поврзе минатото и иднината, донесувајќи некое чувство на слобода.
Автор: Марија Стојческа