Земјите на поранешна СФРЈ, со исклучок на Словенија и на Хрватска, сè уште „возат“ по патишта како во времето на Југославија. Според податоците на Светскиот економски форум што се однесуваат за 2019 година, период пред корона-пандемијата, најлошите патишта во Европа се во источните земји.
На долниот крај на скалата од 1 (исклучително лоши) до 7 (исклучително добри) се наоѓаат патиштата во Босна и Херцеговина и во Молдавија, оценети со 2,8 бода. Нешто подобри резултати имаат Романија и Украина (по 3,0), а потоа следуваат Македонија и Бугарија со 3,4 бода. Нешто малку подобро се оценети патиштата во Србија со 3,5 бода и во Албанија и Црна Гора со 3,9 бода.
Хрватска е со оценка 5,6 и таа се наоѓа на 12 – то место на светската листа со најдобри патишта. Напредокот на квалитетот на својата сообраќајна инфраструктура Хрватска го должи на тоа што од 2000 година, па наваму, е во амбициозен план за развој, особено на патната инфраструктура со цел подигнување на квалитетот на патиштата, особено на автопатиштата.
Од Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта оценуваат дека нашата земја се одликува со добро развиена патна мрежа во вкупна должина од 14.182 километри, вклучувајќи автопатишта, магистрални, регионални и локални патишта. Главни оски на државната патна мрежа претставуваат двата паневропски коридора, Коридорот 8 (исток – запад) и Коридорот 10 (север – југ).
Патната мрежа, според експертите, треба да се разгледува од неколку аспекти – нејзината изграденост, нивото на услугата кон граѓаните и од аспект на безбедноста во сообраќајот. Тие забележуваат напредок во одржувањето на патиштата во изминативе години, но предупредува дека секогаш треба да се прави повеќе за подобрување на инфраструктурата, поточно континуирано инвестирање во одржување на патиштата.
Тие сметаат дека граѓаните очекуваат модерна патна инфраструктура затоа што плаќаат за тоа преку повеќе канали, но во пракса реализацијата на проектите оди бавно, а во насока на тоа е фактот што сè уште немаме целосен модерен автопат на Коридорот 8 со кој ги поврзуваме Албанија и Бугарија.
Приходите од патарина, како и сите други приходи остварени од работењето на ЈП за државни патишта и приливите од странски кредити на годишно ниво за 2020 година изнесуваа 191,5 милиони евра. За инвестиции во патишта се реализирани околу 114 милиони евра или 60 проценти.
Од ЈП за државни патишта признаваат дека надоместокот од патарина не е доволен за обнова на инфраструктурата, а овие пари не се само за одржување туку и за нови инвестиции, што сугерира дека на земјава, најверојатно, ѝ е потребен нов модел, како во дел од земјите од регионот каде што за одржувањето на автопатиштата се грижи посебно претпријатие.