Катерина Серафимовска во книгата „Ловец на спомени“ преку два главни протагонисти и неколку споредни ликови, прави психолошка скица на развојот на една личност, но и влијанието кое родителите го имаат во формирањето на личноста. Најзначаен дел од формирањето на личноста се спомените, како емотивен капитал кој секој ги има кога припишува значење на случки, настани или личности од минтатото. Главните протагонисти се машки и женски лик, Нора и Бенџамин, кои се во љубовна врска. Нивните животни приказни се испреплетени, но приказот за секој лик, неговото минато, семејната слика и вредносниот однос кон нештата делуваат како автобиографски однос на анима и анимус.
Според карактеристиките на машкиот лик, Бенџамин, впрочем и делото го носи насловот „Ловец на спомени“ поради што, читателот може со голема слобода да заклучи дека машкиот лик е столбоносен во приказната и ја пренесува главната и суштинската порака на романот. Имено Беџамин е претставен како лик кој има голем сликарски талент, но слаба амбиција, лик кој потекнува од семејство на разведени родители, кому татковската фигура во голем дел од неговиот живот му е отсутна, но како надомест за родителската љубов и приврзаност, ја има неговата мајка.
Откако мајка му умира, Бенџамин постојано посетува психотерапија и бара помош кај разни стручни лица. Има неуспешен обид за лекување кај еден психијатар, а кога на крај наидува на вистинската врата и почнува да работи сеанси со својата психијатарка таа ќе му помогне да ја врати контролата над својот живот. Во меѓувреме, Бенџамин толку многу се менува, што неговиот однос со Нора станува отуѓен и далечен, осуден на пропаст. Нора е лик со предизвикувачко минато. Во својата младост била сексуално злоставувана од наводен менаџер на модели. По таа немила случка со нејзината мајка, оди во потрага по нов живот и заснова кариера на успешен модел.
Сличноста помеѓу Нора и Бенџамин е токму во тоа што мајките во нивните животи се носечките фигури за нивниот идентитет. Поради комплексните семејни констелации, двата лика се „оштетени“ во поглед на своето психолошко здравје, но полот одиграл улога во формирање на патолошки врски со мајката. Во случајот со Нора, постои амбивалентен однос кон нејзината мајка, на граница на „Електра комплекс“, додека во случајот со Бенџамин постои преголема блискост и поврзаност која не доликува на возрасен човек.
По загубата на мајката Бенџамин ја губи и Нора, која не е подготвена повеќе да се жртвува за заедница која нема перспектива. Во тоа време Бенџамин е невработен, со свежо пропадната долгогодишна врска и без најважната личност во неговиот живот – неговата мајка. Во текот на сеансите, Бенџамин почнува да го освестува и односот со неговиот татко кој е угледен и ситуиран човек. Бенџамин е неговиот најстар син, но има деца и од другите бракови. Сепак односот на Бенџамин кон татко му е крајно резервиран, ладен и дистанциран. Додека сите полагаат надежи дека татко му ќе се појави во неговиот живот и ќе му помогне да се извлече од новонастанатиот егзистенцијален амбис, случајна средба со клиент на неговиот татко целосно ќе му го смени животот.
Бенџамин ќе добие задача да организира своја прва самостојна изложба, повторно ќе почне да се среќава со Нора, а сеансите стануваат се појасни. Конечното соочување на Бенџамин со неговиот татко, ќе покаже негово ослободување од социјалната сенка на татко му. Со Нора ќе изгради семејство и новата улога на татко ќе му донесе изедначување на односот со неговата покојна мајка, поради што од ниво на безизлезност поради загубата ќе премине во чувар на споменот на неговата мајка. Со тоа ќе ги реши сите свои животни дилеми и ќе се ослободи од потребата за психијатар.
Авторката во овој роман, ни презентира неколку важни аспекти од соочување со егзистенцијални кризи, како што е загубата на блиска личност, важноста на фазите за соочување со влијанието на родителите во нашите животи и одговорноста која треба да биде основна вредност за создавање на семејството. Токму затоа и романот носи со себе важна поучна компонента. Завршува оптимистички, затоа што Бенџамин создавајќи свое семејство практикува свесно родителство, трудејќи се да ги елиминира сите родителски грешки на неговиот татко.
Тој однос кон родителството е одговорен, а покажува дека без разлика на тоа колку минатото било неправедно кон нас, постојат работи кои можеме од најголема слабост да ги претвориме во најголема сила, само ако сме подготвени да учиме и се развиваме. Затоа и психијатарката, иако спореден лик, е важна да се разбере заложбата на еден поединец наречен проект „личност“ и дека само со одговорен пристап кон себе си, ќе можеме да имаме просперитет. Романот изобилува со хуманистичка нота и покрај чувството на меланхолија и неправедност на моменти, сепак завршува со среќен крај.
Мајсторството на Катерина Серафимовска се состои во тоа што како женски автор може многу добро да го претстави машкиот лик и да се занимава со теми, кои на интринзичен начин ги доживува машкото битие, но и теми кои се чинат како индивидуални судбини да ги преведе на рамниште на универзален јазик. Романот може да се чита во слободно време, како уметност на пишаниот збор, за сите кои уживаат во убавото и уметноста, но може да се чита и со поголема сериозност пред се од психолошки аспект бидејќи содржи голем број референци од психологијата, што покажува дека авторката добро ги познава психолошките теми.
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов
Можеби ќе ве интересира: