Куба соопшти дека за првпат ја извезла во Виетнам својата вакцина против коронавирус „Абдала“, која се дава во три дози. Станува збор за првата пратка во рамките на договорот за испорака на пет милиони дози во оваа земја.
Кубанските научници развија три домашни вакцини против ковид-19 и чекаат да добијат официјална потврда од Светската здравствена организација, објави „Ројтерс“.
Државната фармацевтска корпорација „Биокуба Фарма“ објави информации за извозот на „Твитер“, откако претходно оваа недела соопшти дека произвела доволно вакцини за да ја исполни целта за имунизација на повеќе од 90 отсто од локалното население до средината на ноември.
„Биокуба Фарма“ верува дека може да произведува 100 милиони дози од вакцините „Абдал“, „Соберана 2“ и „Соберана плус“ годишно. Компанијата тврди дека вакцината го намалува ризикот од сериозни болести или смртност за околу 90 проценти.
Потпретседателката на корпорацијата, Мајда Маури, изјави дека, откако ќе се постигнат целите за снабдување во земјата, ќе почне испораката на вакцини во други земји, вклучително и Иран и Венецуела.
– Разговараме за регулаторни прашања со Аргентина и со други земји во различни региони во светот – истакна таа.
Иран веќе почна со производството на вакцината „Соберана-2“.
Виетнам, Аргентина и Мексико изразија надеж дека наскоро ќе ги произведуваат кубанските вакцини, додека многу земји користат други кубански лекови за третирање на ковид-19.