На оние што за новогодишните празници ќе патуваат во земјите од регионот, за влез ќе им биде потребна потврда за вакцинација, со две дози вакцина, потврда за прележан ковид-19, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или брз антигенски тест не постар од 48 часа.
Со појавата на новиот вид коронавирусот – омикрон, дел од балканските земји воведуваат построги мерки за влез на странски државјани. Еве каде и како ќе можат да патуваат македонските државјани за претстојните празници.
Во Грција задолжителен тест за сите
Меѓу првите со построги мерки е Грција, каде што од овој викенд до 10 јануари ќе важат нови правила за влез во земјата, односно сите што ќе патуваат таму, на возраст над пет години, ќе треба да имаат негативен ПЦР-тест направен 72 часа порано или брз антигенски тест – 24 часа пред патувањето и пополнет ПЛФ-формулар. Овие мерки Грција ги најави уште пред десетина дена, кога оттаму кажаа дека негативен тест непосредно пред патувањето ќе треба да имаат не само оние што се невакцинирани, туку и оние што се вакцинирани и што претходно ја прележале болеста.
Невакцинираните и оние што не ја прележале болеста, а доаѓаат од 16. земји наведени подолу, меѓу кои и од Македонија, задолжително ќе бидат тестирани при влез во Грција, а тоа и претходно се применуваше.
Според оваа одлука, за патниците што влегуваат во Грција од Египет, Албанија, Аргентина, Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција, услов за влез е негативен резултат од задолжително тестирање со ПЦР или брз антигенски тест на влезните точки во земјата. Задолжително тестирање со ПЦР-тест не е предвидено за патниците што се вакцинирани, при што се поминати две недели од примањето на втората доза или оние што прележале и имаат потврда што важи 30 дена по првиот позитивен резултат, а најмногу до 90 дена.
За влез во Србија – ковид-потврди или негативни тестови
Негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа и негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа, потврда за целосна вакцинација или потврда за прележан ковид-19, а од првиот позитивен резултат да не се поминати помалку од 14 дена, а не повеќе од шест месеци, или дигитален ЕУ-сертификат се бара за влез во Србија. Сите патници што ги поседуваат овие документи не подлежат на карантин.
Според информациите од Министерството за надворешни работи на Србија, овие ограничувања не важат за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Унгарија, Македонија и Црна Гора. Лицата што не се државјани на овие земји, а имаат одобрение за привремен престој или трајно населување во овие земји, по влезот во Србија во рок од 48 часа ќе треба да обезбедат негативен ПЦР или антигенски тест од референтна лабораторија во Србија.
На граѓаните на Словенија кои имаат потврда за прележан ковид-19, а од првиот позитивен резултат не се поминати повеќе од 180 дена, и кои првата доза од вакцината ја примиле најдоцна осум месеци по инфекцијата, им е дозволен влез во Србија. За децата помали од 15 години не е потребен карантин или негативен ПЦР-тест доколку патуваат со членови на семејството.
Во Косово од јануари само со потврда за целосна вакцинација
Потврда за комплетна вакцинација со две дози против ковид-19, потврда за вакцинација со една доза од вакцината не постара од четири недели заедно со негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа или потврда за вакцинација со една доза вакцина заедно со потврда за прележана болест, до 21 ден од првиот позитивен ПЦР-тест и не повеќе од 180 дена, за влез во Косово.
Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Косово, од 3 јануари следната година за влез во земјата ќе се признава само потврдата за целосна вакцинација. Граѓани на Косово или лица со привремен или постојан престој на Косово, кои се невакцинирани, при влез во земјата ќе може да се вакцинираат на еден од вакциналните пунктови. Овие ограничувања не важат за патници што влегуваат и излегуваат од Косово со авионски или со организиран автобуски и меѓународен превоз, а не се задржуваат подолго во земјата, за деца под дванаесетгодишна возраст, странски дипломати или за лица за кои има медицински доказ дека не може да се вакцинираат.
Според информациите на македонското Министерство за надворешни работи, за граѓаните на Македонија не се воведуваат посебни марки.
Потврда за вакцинација или за прележан ковид-19, негативен ПЦР или антигенски тест за Албанија
Потврда за целосна вакцинација против ковид-19, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа, потврда за прележаност на болеста во последните шест месеци, се потребни за влез во Албанија. Овие потврди треба да ги имаат сите што се на возраст над шест години. Вакви потврди треба да имаат и оние што транзитираат преку Албанија. Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на оваа земја, на сите лица што немаат ваква потврда не може да им се гарантира влез во земјата.