Иако сите документи за набавка на вакцини од Кина беа пополнети и испратени до „Синофарм“, пред неколку дена авансот за набавка на вакцините беше вратен.
Многумина тоа го протолкуваа како одлука на кинеската комапнија да не соработува со македонската влада и дека не е заинтересирана за достава на вакцини во оваа земја.
Сепак владата, убедуваше дека вратениот аванс не значи дека Кина нема да достави вакцини.
Според изјавата на премиерот Зоран Заев во тек е финализација на документите за набавка на „Спутник V“ од Русија.
Иако Македонија се согласи на набавка на вакцини од Русија по сите одбивања што ги доби од другите компании, се шпекулира дека Русија не е заинтересирана за достава на вакцини токму во Македонија.
Засега единствени дози на вакцини со кои располага Македонија се вакцини „Фајзер“ кои беа доставени од Србија и со кои се вакцинираат здравствените работници согласно приоритетот според планот за вакцинација.