Во нашата култура многу често се истакнува значењето на т.н. домашно воспитување. Под домашно воспитување, често ја подразбираме грижата, посветеноста и работата на родителите со нивните деца.
Доколку родителите посветиле време и грижа на своите деца, тоа во народен јазик се нарекува „добро воспитание“, а ако родителите имале други приоритети, се бореле за егизстенција, или имале тежок живот, се верува дека и тие навики и занемареност се забележуваат кај децата. Отсуството на родителската грижа и внимание, се нарекува „невоспитаност“.
Иако голем дел од овие верувања и мненија се оправдани и со некои научни факти и тврдења, сепак свесното родителство и воспитание не се секогаш доволни и децата не ги учат само оние работи кои родителите им ги пренесуваат свесно и волно, туку забележуваат многу повеќе и во своето однесување и поведение покажуваат работи на кои родителите не ги учеле и насочувале. Од каде, такви навики и облици на однесување кај децата?
Човечкото суштество учи на три начини. Преку обиди и грешки, тоа е првиот и можеби најпримитивниот начин на учење, бидејќи овој облик на учење е забележан и кај некои неантропоморфни видови на животни како што се птиците. Такво учење обично е во делот на моторичкиот развој и го претставува оној момент кога детето се обидува да прооди, паѓа, губи рамнотежа и доживува неуспеси, но сепак на крај успева да се исправи и да ги направи првите чекори.
Вториот начин на учење е преку условен рефлекс. Овој тип на учење е забележан и кај животните, поточно, познат е експериментот на Иван Павлов кој открил дека безусловниот рефлекс за исхрана кај кучињата преминал во условен бидејќи тие реагирале со салвирање секогаш кога ќе го здогледале чувар кој секој ден во исто време им носел храна, дури и тогаш кога не добивале храна.
Премин на безусловен рефлекс – нагон за јадење, пиење и сл. преминува во условен кога детето ќе ги стекне првите навики за јадење во определено време, за пиење млеко, за спиење и сл.
Но третиот начин на учење, се нарекува типично „човечки“ начин бидејќи е забележан само кај човековиот вид. Некои антрополошки студии, одат во насока на тоа дека социјалните форми на учење се присутни и кај други живи видови на Земјата. Сепак тие студии уште не се одобрени и признанаени од научната заедница.
Само луѓето учат „социјално“ односно имаат способност да учат од другите со кои се опкружени во социјалната заедница. Децата учат од родителите, но додека се мали многу малку разбираат што родителите им кажуваат и упатуваат.
Затоа покрај свесните форми на пренесување на знаење преку воспитание, во когнитивната психологија се наведуваат и несвесните форми. Човечкото суштество учи преку имитација и идентификација. Имитацијата е посвесна од идентификацијата, која се случува целосно неволно и неизбрано.
Кога детето ќе го имитира однесувањето на својот родител, на пример кога мало девојче облекува потпетици на мајката, на тој начин тоа девојче го имитира однесувањето на својата мајка, односно сака да биде како неа.
Додека идентификацијата е несвесна и децата се идентификуваат со родителите во некои навики кои родителите не ги предвиделе.
На пример родителите целиот живот им велеле на своите деца дека пуштењето не е здраво, дури и им го забранувале, но децата станале пушачи, токму поради тоа што тие ги воочуваат навиките на нивните родители и се идентификуваат со нив, без разлика што на свесно рамниште, родителите им пренесуваат совет да не се впуштаат во штетни навики како пуштењето.
Затоа, доброто воспитание не значи само работа на родителите со нивните деца и посветување на време, грижа и внимание, туку пред се работа на родителите со самите себе и воочување на нивните навики и однесувања кои децата понатаму во животот, свесно или несвесно ќе ги пресликуваат и копираат.