Уште еден Осми март пред нас, со истите неодговорени прашања. Што значи да се биде жена и дали воопшто да се биде жена нешто треба да значи? Празниците имаат консензуално значење, општеството по пат на ирационален или свечен договор ги прогласува деновите кога особено внимание се свртува кон некои теми и во таа смисла Осми март не е денот кога треба единствено да се слави постењето на жената, туку и да се преиспитува одново и одново што значи да се биде жена, која е нејзината позиција во општеството, дали може и дали треба нешто да биде поинаку?
Под влијание на транс идеологиите, прашањето да се биде жена од есенцијално се пренесе во егзистенцијално прашање, односно од онтолошко прашање да се биде жена, фокусот се пренесе на епистемологијата односно на значењето на женското битие. Веќе не се поставува прашањето дали женскоста како атрибут е ентитетско облежеје, туку се поставува прашањето за потеклото на женскиот атрибут на постоењето како идентитетско прашање. Во таа смисла веќе е укинато верувањето во парадигмата дека да се биде жена значи да се прифати судбината на тоа да се биде женско, туку да се биде жена е идентитетско прашање во кое се испреплетуваат личниот конформизам и срединските фактори.
Почетниот феминизам ја засноваше својата теорија дека женскиот идентитет е креиран надвор од женското битие и е производ на интервенција кој подоцна е облечен на девојчињата преку процесите на воспитание и социјализација. Во таа смисла идентитетот не бил одисеа на откривање, туку брутално наметнување на социјалните норми, кои жената во подоцнежните развојни општествени улоги секогаш ја држат во позиција на потчинетост. По засилување на либералните и неолибералните струии кои го инкорпорираа феминизмот во својот аргументативен арсенал за хегемонизација, феминистките сепак сфатија дека идентитетското прашање мора да стане личен избор.
Веќе не е ни важно дали ќе се родиш како женско, Симон де Бовоар велеше дека жена се станува. Ако во одреден момент на своето себесоздавање и себеспознавање, сепак сфатиш дека треба да ја прекинеш навидум идентитетската тавтолошка нишка (А=А) не е нужно дека од женско ќе станеш жена. Од друга страна, да се биде жена не е судбинско прашање, дури велат феминистките тоа и не смее да биде. Напротив колку повеќе отстапуваш и отклонуваш од силниот репресивен систем на општествени убедувања, толку повеќе ја потврдуваш личната слобода. Колку помалку правиш работи што средината ги определила како hard core женски, толку повеќе расте твојата индивидуална слобода. На пример да си жена не значи дека треба да си мајка и ако си мајка не значи дека си жена.
Денешната дефиниција за слобода е константна борба и конфликт помеѓу поединецот на едната страна и групата, средината, институциите или апстрактните модели на здружување од другата страна. Во македонската лексика веќе постојат фрази со кои се истакнува дали некоја жена е доволно „женска“, односно дали доволно се вклопува во стандардите за тоа што значи да се биде жена, па затоа ја имаме фразата „машка Петра“ (жена која има повеќе машки навики, карактеристики, наличја). Но ваквите општествени страндарди постојат и за мажите. Во случајот со мажите се уште поригидни, затоа што за мажите претставува многу поголема навреда да бидат повеќе жени, а помалку мажи, одошто за жените доколку се повеќе мажи одошто жени.
Општествените стандарди се еден тип на симболичен јазик во кој е зачувано искуството на претходните генерации и тој служи да ги насочи новите генерации на образци кои согласно востановеното искуство ќе дадат одредени резултати. Тие се репресивни и кон нив секоја единка има отпор. Како што детето има отпор кон цврста храна кога ќе го воведете во процесот на џвакање и ќе му ја развивате таа функција, но доколку не го направите тоа, ќе пораснете човек кој нема да знае да користи цврста храна и веројатно нема да има способност за говор.
Идејата на општествените стандарди воопшто не е софистициран систем за индивидуално мачење, туку пренесување на колективната мудрост која искуствено се собирала преку генерации кои одново и одново го потврдувале знаењето на претходниците.
Затоа женските теми воопшто не треба да бидат израз на поединечните права и слободи, тие најмалку имаат врска со либерализмот, многу повеќе имаат врска со припадноста во група. Затоа наредните марширања наместо да бидат говор на омраза од типот „Црквата да одјебе“ и хетерогена група на единки кои „недоговорено“ трчаат кон своите права и слободи, нека бидат создадени од жени кои се борат за својата група, за нејзиното место во општеството, критична, но и самокритична, која наместо говор за репресија, конечно ќе создаде атмосфера на самокритичност и ќе го постави прашањето „што ние направивме за самите себе“ додека бевме острастени борејќи се со невидливите непријатели од Црквата, државата и машкиот род и секако конечно да ги воведеме во употреба термините како што се „токсичен феминизам“, „насилна жена“ и „алфа род“ во што ја претворивме осмомартовската жена од маршот додека под паролите создававме привид дека се бориме за еднавост, мир и рамноправност!
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов