Тајната на дејствувањето во уметноста се состои во творечкиот процес на самиот уметник, во спонтаното оживување на архетипот што го носи во себе и во неговото развивање и обликување за да дојде до крајната цел, а тоа е завршното дело.
Во поново време се повеќе доаѓаат до израз современите струења во македонска уметност што воедно го создаваат и зголемуваат впечатокот на освежување и ги намалуваат непотребните аномалии на ликовен план. Едно од тие струења е враќањето и реафирмирањето на некои класични вредности во ликовна и техничка смисла, чиј претставник е сликарот Илија Пенушлиски (роден 1947 во Скопје).
Во својата ликовна лексика Пенушлиски ни открива нови хоризонти на изнаоѓање на постапки за умножување на перспективата на сликата и на создавање впечаток на слика во слика. Неговата вечна инспирација и омилена тематска преокупација е пејзажот исполнет со некакви имагинарни градови, сцени, глетки и предели кои создаваат посебна метафизичка атмосфера во сликата, низ која што го презентира својот немирен творечки дух.
Во цртежите може да се почувствува извесна доза на носталгичност и романтично расположение на едно избалансирано пиктурално ниво кадешто, од една страна, нема пренагласеност на овие два присутни моменти, и од друга страна, во нив е речиси отсутен моментот на нападност, шокирање и слично. Имено, станува збор за специфичен начин на трансформирање на нештата, потезите се сигурни и компактни и покрај општата импресија на разградувањето и реинтегрирањето на формата.
Всушност, минуциозно магловитите фигуративни фрагменти во недефинираните предели ја формираат неговата ликовно-содржинска естетика. Видливо е присуството на расположение во кое поетиката на таинственото и тивкото пресоздавање на нештата во една целина, го доловува со темни акорди на светло-темно. Можеби донекаде овие слики наликуваат на делата на Рембрант, Тарнер или Констебл, но во основа изработени во туш и разредена боја, тие повеќе потсетуваат на енформелистите или апстрактните експресионисти, и тоа во нивна класична или посмирена варијанта.
Во пејзажната уметност Илија Пенушлиски конструира градби со мрежно поврзани линии и цртачки инвенции со бледо изведени валери на бојата и светлината („Предградие”, „Бродоградилиште”, „Аркади” и др.), низ кои пулсира неговата сложена метафизичка и онтолошка природа. Исто така, во нив интересен е моментот во кој авторот не се обидува да ја долови психолошката состојба на ликовите, туку нивната емоција ја постигнува преку едно кружно движење на човечката фигура во одреден простор, такашто се добива впечаток како да се тоа случајни минувачи или анонимни индивидуи кои шетаат во градот.
Тој т.н. своевиден егзистенцијалистички натурализам го преведува во свој тивок свет на метафизичка осаменост на човекот, предметите и пејзажите, но со судирот на различните хроматски вредности, со нивниот јасен интензитет и чистина ја доловува звучноста и ведрината во тој меланхоличен амбиент во кој се испреплетени мотивите.
Важно е да се нагласи дека во делата кои Пенушлиски ги создал во изминатиот период фигурата ја претставил само како декоративен блед елемент, но во поновиот период на создавање тој го совладал пејзажот т.е. платното станува место каде што може да се креираат поинакви експресивни гестови и позиции на луѓето („Баханалии”, „Под столбовите” и др.).
Вредноста на Илија Пенушлиски се состои во негувањето на свет кој нема широк изразен дијапазон, но е благороден во својот продлабочен звук. Тој во ликовниот јазик е доследен во своите настојувања и приспособен на сопствената мера, но исто така, неговото творештво се темели на фактот на едно академско познавање на рамнотежата и хармонијата на композицијата, во која мотивите пловат во специфична поетско-пејзажна атмосфера, во која неабре плови самио тој.
Автор: Марија Стојческа