Да се сака Македонија, не е ексклузивно право на Македонците. Македонците мора да дозволат и другите да ја сакаат Македонија, како што дозволуваат другите да ја мразат Македонија.
Да се сака Македонија не е пропорција помеѓу патриотска љубов и број на запалени знамиња на други држави. Да се сака Македонија е конструктивно чувство кое ја гради државата и го води во прогрес народот. Да се мрзат другите кои не се Македонци е деструктивно чувство, кое го уништува за жал само нејзиниот носител.
Со омразата Македонците само ја уништуваат својата нација, својот колективен идентитет и секако својата држава, бидејќи додека ние сме зафатени да ги мразиме оние „другите“, пред очи ни се случуваат најголемите предавства и загуби од нашите.
Факт е дека Бугарија апосолутно ништо не може да и наштети на Македонија, освен да отвори бугарски училишта и да се сее бугарска пропаганда кај нас, другото е апсолутно ирационално и апстрактно, но е успешно затоа што не покажуваме зрелост да не одговараме на туѓите провокации и да не покажуваме страв и несигурност заради тоа „кои сме како колективен идентитет“.
Никој на Македонија не и направил поголемо зло, освен самите Македонци.
Никој не ни го смени името, никој не ни ја избирашe дупелизачката влада која сега води преговори со бугарската влада за нашиот идентитет и јазик, никој не не спречи за овие силни години да изградиме стабилна држава со цврсти и професионални институции, никој не не спречи да ја ставаме иднината на приоритетно место пред минатото и што е најважно никој не не присили со пиштол да извадиме бугарски пасоши и да го докажуваме бугарското потекло за да возиме камиони по Европа, никој не не присили да се декларираме како припадници на малцинства за да дојдеме до некоја административна фотељичка.
Се што можевме да направиме за повреда на националното достоинство и зарозување на националниот интерес си го направивме сами или го направија некои други кои ние ги избравме, или ништо не направивме за да ги спречиме во нивните предавнички акти.
Да се сака Македонија, значи да се работи на подигање на одговорноста на институциите, да се учествува демократски во носење на одлуките кои се од јавен или државен итерес, да се подига нивото на образование, да се истражува за секое прашање, да се гради интелектуалната елита во Македонија која нема да посегнува по палење на знамиња во паганскиот оган, туку со аргументи, знаење и користење на правата и слободата ќе го брани своето.
Да се сака Македонија значи да се има љубов кон својот народ и должност кон својата држава, не да се мрази другиот народ и да се критикува туѓата држава.
Да се сака Македонија значи да се живее во Македонија и да се учествува во градење на квалитетно македонско општество, а не да се бега со бугарски пасоши по бел свет за да од таму се „брани честа на Македонецот што му е нападната од Бугариниот“.
Да се сака Македонија значи да се создаваат силни институции, оти државата се нејзините институции, а не чергарското однесување на улица и пагански обичаи и дивјаштво.
Да се сака Македонија, не значи да се сака Македонија поради тоа што е НАТО и Македонија поради тоа што е ЕУ. Да се сака Македонија значи да се создаде општество какво што претендираме да видиме кога ќе имаме ЕУ пасоши и полека еден по еден ќе ја напуштаме нашата средина и ќе заминуваме во земјите од западот, што поради образование, што поради судство, што поради здравство или што поради подобра економија.
Да се сака Македонија значи да се прави се спротивно од она што го прави посечен Македонец во Македонија, а особено просечен Македонец надвор од неа. Ако веќе толку ни е важна Македонија како што ни е кога ги искажуваме своите интимни патриотски чувства на идентификација со еден народ, тогаш љубовта треба да е само иницијална каписла да се изгради независна и стабилна држави, прво во нашите глави, а потоа и објективно.
Можеби е време како народ и како поединци да почнеме да ја прифаќаме вината и одговорноста за тоа каква ни е државата, оти успехот на една нација се гледа по успехот на нејзината држава. Фактот што Македонија е најсиромашната земја во Европа јасно говори дека не сме подготвени како нација да изградиме успешна приказна од држава која ќе ни ја зачува културата, етносот, националниот идентитет и посебноста во однос на сите други.
Можеби помалку треба да не загрижува фактот што Бугарија ни ја негира посебноста на јазикот, а повеќе треба да ве загрижува фактот што во јавни и државни институции од високата управа голем дел од нејзините конституентни не го зборуваат македонскиот јазик, или зборуваат на дијалекти, или не-Македонци кои не го познаваат добро службениот јазик.
А институциите се чувари на нашиот јазик, не бугарските историчари, тие немаат врска со нас, а почнуваат да имаат затоа што ние тоа го допуштаме, што поради нашата несигурност, што поради тоа што малку кој од нас го интересира што сме и кои сме како национална група.
Да се сака Македонија значи да се тргне од себе, бидејќи секој поединечно ја претставува Македонија и не може фиктивен бугарски непријател да биде поголема опасност за Македонија отколку Македонецот кој од љубов кон Македонија, има само љубов кон ракија и ајвар!
Автор: Магдалена Стојмановиќ