Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во 2020 година, во споредба со претходната година, е намален за 25.6 % и изнесува 10 278.
Најмногу бракови, 1 423 или 13.8 %, се склучени во месец август, а најмалку во месец април, 162 или 1.6 %.
Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 94.1 % за жените и 92.8 % за мажите.
Во втор брак со учество од 6.5 % и трет брак со учество од 0.6 %, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.
Во 2020 година, најголем број бракови, 3 380 или 32.9 %, кај жените се случиле во старосната група од 20 до 24 години, додека кај мажите се случиле 3 780 бракови или 36.8 % во старосната група од 25 до 29 години.
Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27.0 години за невестата и 29.7 години за младоженецот.
Бројот на разводите во 2020 година бележи намалување од 21.2 % во споредба со 2019 година и изнесува 1 569. Во текот на годината најмалку бракови, 29 или 1.8 %, се разведени во месец мај, а најмногу, 199 или 12.7 %, во месец јули.
Според возраста, најголем број разводи се случиле во истата старосна група од 35 до 39 години, и тоа 278 или 17.7 % кај жените и 262 или 27.7 % кај мажите.
Според траењето на баракот, најмногу разводи, 324 или 20.7 %, се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.
Феномен на фиктивни бракови
Во последната деценија се забележува тренд на склучување „фиктивни бракови“. Фиктивните бракови даваат привид на брачни заедници, тие постојат само на правосилен документ за склучување на брачна заедница, но во пракса не постојат.
Или кажано со јазикот на демографијата браковите постојат de jure ама не и de facto.
Голем е бројот на жени кои се одлучуваат да стапат во брак со повозрасни лица кои се дел од нивното семејство – свекор, очув или семејна ролја која не е крвна, само за да имаат право на директно наследство на пензија или имот по нивната смрт.
Исто така, постојат жени кои се мажат за некој човек од истите мотиви со заеднички договор, дека тие него доживотно ќе го издржуваат и ќе му пружаат нега и друштво, а за возврат ќе ја добијат неговата пензија по смртта и ќе бидат рамноправни учеснички во прераспределба на неговиот имот.
Таквите бракови се чиста измама на правниот систем, во суштина брачните партнери не функционираат како брачни партнери и не ги обавуваат брачните улоги на кои се ветиле. Во позадината на браковите, постои договор кој ги врзува интересите и на двете страни.
Лична исповед
Отткако почина мојот сопруг останавме сами со синот, со скоро никакви примања, двајцата невработени.
Во меѓувреме барав работа, но поради возраста и ниските квалификации не можев да најдам.
Ме најмуваа да чувам деца или стари лица. Така се запознав со мојот сегашен маж.
Тој е постар од мене 20 години и е лице со попречено движење, на кое му е потребна туѓа нега. Јас се обврзав да го чувам, но ми требаше финансиска гаранција, па решив да му предложам да стапиме во фиктивен брак.
Тој прифати по неговата смрт да ја наследам неговата пензија и да го користам неговиот имот, само добро да се грижам за него се до неговата смрт.
Ние сме во брак, но функционираме како брачни другари, ако ме разбирате. Ова е втор брак за мене, но првиот беше реален брак, а овој е брак создаден во договор на ниво на деловен договор, раскажа за нашата редакција читателка која инсистираше да остане анонимна.